КАКАФОНИЈАТА НА НАЦИОНАЛНИОТ ИНТЕРЕС ВО КУЛТУРАТА!

Конфузен и неконзистентен е секој нов обид на министерката да го оправда нејзиното самоволие, прикривајќи се зад наводните одлуки на комисиите, не истакнувајќи го своето дискреционо право!, велат од Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ.

„Почитувана“ министерке, сте ги виделе ли одлуките од минатите години при носењето на новите? Сте виделе ли што било национален интерес во музичко-сценската дејност овие мачни седум години?! Лично Вие, Вашата Влада, Вашите кабинетски специјални советници и раководни кадри во Министерството за култура и по институциите, успеавте целосно да ги маргинализирате националните установи и подмолно да уништите сѐ што е традиционално, македонско, создавано и негувано со децении.

Кога ја потпишавте програмата за оваа година, видовте ли дека Македонската филхармонија е осакатена за 5.500.000 денари! Во јавно објавените резултати не може да се видат ниту поединечните проекти, ниту новата сезона на Филхармонијата, што остава сомнеж дали воопшто постои програма на Македонската филхармонија за 2023 година, или таа ќе се прави во од, избирајќи од она што е на дофат од популарната музика, наспроти уметничка програма? Кога веќе ги покачивте цените на билетите за културните настани, јавноста заслужува да види кои европски и светски уметници ќе гостуваат во Филхармонија и Македонската опера и балет во оваа сезона. А, што да се каже за импровизираната програма на Операта и Балетот кога се одобрени едвај две премиери и две обнови. Ете, и на „Мајските оперски вечери“ и фестивалот „Охридско лето“ без наведени програми им се доделени суми од 5.000.000, односно 30.000.000 денари.
Програмите и средствата за проектите на центрите за култура се под секое ниво, дури и за коментар! Дополнително, дискрепанците на доделените средствата за исти тематски настани се неверојатни. Па така, НУ Центар за култура „Иљо Антески-Смок“- Тетово за „Концертот на Елина Дуни“ добил 350.000 денари, а НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово за „Концерт на отворено на Нокаут“ добил 150.000 денари. Музејот на албанската азбука – Битола за проектот „Празник на азбуката“ добива 1.000.000 денари, а НУ Центар за култура „Кочо Рацин“- Кичево за проектот „Ден на македонската азбука“ дури 10 пати помалку, односно 100.000 денари. Со цели 20.000 денари е поддржан проектот „Класика за Делчево“ за манифестацијата „Музичка манифестација по повод Светскиот ден на учителите“, додека проектот „Програма по повод 7 Март – Денот на албанскиот учител“ на Центарот за култура во Кичево со 75.000 денари. А, пак, за оние музички уметници кои некако прифатиле да бидат дел од програмите на националните установи, доделени се средства во висина меѓу 20.000 и 30.000 денари, што целосно ја отсликува мизеријата во која се наоѓа националната култура.
Распределбата на финансиите за проектите кај другите корисници на Конкурсот стана редовна практика за подмирување на партиските и коалициските пазарења! По тој принцип на „заслуга“ е финансиран и „Тајмлес фестивал“ на Мастер Про Продукција, за кој се издвоени 2.204.000 денари.
Дека политиката е основен критериум за категоризирање и бодување на уметниците и манифестациите во музичко-сценската дејност, покажува и фактот што на сметка на скратените средства за фестивалите „Макфест“, (кој секогаш бил еднакво финансиран со „Фолк фест Валандово“) и „Охридски трубадури“, ПМГ Рекордингс Фестивалот во организација на Вашиот сопартиец Мирко Попов останува бетониран.
Шестото издание на„Скупи камер фест“ на Здружението „Муза“е финансирано со преку 1.000.000 денари, наспроти култното „Скопско лето“ со 800.000 денари, потоа Здружението на албански музичари за „Лира фест“ со преку 1.000.000 денари, наспроти етаблираниот Фестивал на музичките уметници „Златна лира“ со 800.000 денари?! На истиот список се редат и сериозно голем број проекти за кои се издвоени високи суми, за понови или сосема нови фестивали и манифестации: „Топ Тет Музик фестивал“ на Фишта Тетово со високи 744.000 денари, „Фестивал Мериди“ на Артал Тетово со 300.000 денари, многу „популарните: фестивалот „Наши песни“ и манифестацијата „Еден ден, една ноќ“, организирани од „Куљт“ од селото Долно Строгомиште со речиси 500.000 денари итн.
Хорскиот фестивал „Техо“, кој во 2021 година го прослави својот 30-годишен јубилеј, оваа, 2023 година, добил двојно поголем износ или 504.000 денари за одбележување на 50-годишниот јубилеј на истиот хор?! На ова ќе треба да даде одговор не само Kомисијата за музичко-сценска дејност туку и министерката и диригентот Зориќ, кој е член на Советот за култура на министерката! Средствата за одредени фестивали се тројно намалени од минатата година, а некои, како на пример Здружението на џез-музичари, е поддржано со нула денари.
Министерке, знаете ли каква штета им правите на овие музички менаџери и музичари? Свесни ли сте дека им го рушите домашниот, но и меѓународниот углед, особено имајќи предвид дека сите контакти и заложби за обезбедување квалитетни музички настани се договараат однапред една, две или повеќе години!
Веќе не сме изненадени кога за два, речиси исти фестивали, само за различни музички инструменти (едниот за пијано, другиот за кларинет), разликата во доделените средства е трипати поголема – 51.000 денари наспроти 153.000 денари.
Дискриминирачки по етничка основа се издвоените средства кои неосновано ги двојат албанските од македонските изведувачи, па така, Бесијана Мехмеди за проектот „Жени во културата” добива 408.000 денари, Хајдар Хајдари 408.000 денари, а 80-годишното одбележување со „Свечен концерт за композиторот и академик Ристо Аврамовски“е поддржано со 240.000 денари. Листата е голема, а неоснованата дискредитација, разочарувањето и омаловажувањето на македонските музички уметници е уште поголемо.
Одлуките на Mинистерството од годинешнава програма во музичко-сценската дејност, не покажуваат никаква стратегија, уметнички концепт ниту конзистентност во културните политики. Затоа, годинава ќе слушаме тотална музичка какафонија.
Каде плови овој брод и каде допрва ќе нѐ носи? Искрено, се надеваме дека нема да ја делиме истата судбина како „Титаник“.

Централна комисија

за култура на ВМРО-ДПМНЕ



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.