Комисијата за доделување на награди и признанија на Стрип центар на Македонија – Велес донесе одлука признанието „Љупчо Филипов“ за развој и афирмација на македонскиот стрип за 2023 година да му се додели на Коле Манев, познат македонски сликар.

Како што информира Томе Трајков од СЦМ – Велес, врачувањето на ова високо признание е составен дел од активностите во рамки на традиционалниот меѓународен стрип салон – најреномирана стрип манифестација во земјава која ќе биде отварена на 23 август во Велес.

Коле Манев е роден на 5 април 1941 година во селото Бапчор, во Егејскиот дел на Македонија. Како дете заминал во непознат правец заедно со дваесетина илјади Македончиња протерани од Егејска Македонија. Училиште за применета уметност завршил во Скопје. Во 1960 година завршил прв степен на Ликовната академија во Белград, а потоа заминува на студентски престој во Париз, па Прага каде посетува предавања за анимиран филм. Своите дела ги изложува во земјава, Франција, како и земјите од Балканот.

Добитник е на голем број меѓународни награди и признанија за филм и сликарство.

Трајков потсетува дека Коле Манев влегува во историјата на списанието „ Наш свет“ како прв македонски стрип цртач кој објавува на неговите страници. Добро е познато значењето на списанието „Наш свет “ во развојот на македонскиот стрип.
Почнувајќи од 1960 година, па се до 1963 година Коле Манев, во соработка со разни сценаристи црта стрипови за македонски историски настани – Цар Самуил, Крале Марко, Карпош, Сирма војвода, па преродбениците Кирил Пејчиновиќ, Крсте Петков Мисирков и други се до народните херои од НОБ, Стив Наумов, Орце Николов, Ибе Паликуќа, Вера Јоциќи. Коле Манев започнува да ги работи многу млад, со едвај 19 години.

Македонскиот стрип центар како организатор на целокупната манифестација ова признание го наменува за заслужни домашни дејци за развојот и афирмацијата на деветтата уметност во земјава.

Досегашни добитници на ова високо признание „Љупчо Филипов“ се: Миле Топуз, Диме Иванов – Димано, Александар Сотировски, Ване Трајков, поранешната групација „Тајфа Арт“-млади автори и подоцнежни основачи на нови стрип асоцијации, Томислав Османли, Дарко Марковиќ, Киро Донев, редакцијата „Детска радост“, Оливер Ромевски, Стрип книжарницата „Бункер“,„Остен“- Галерија и списание, Томе Трајков-стрип работник, Александар Стеванов – хроничар и сценарист и Игор Стевковски-Стевац – стрип цртач.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.