„И јас сум Сирма“ не е роман, туку нешто меѓу сага и еп. Тоа е приказна што ќе ве натера да плачете, да мразите и да се смеете… книга што никого нема да остави рамнодушен.
Со овие зборови вчеравечер (14 ноември) во преполниот Младинскиот културен центар – Скопје беше претставен новиот, и досега најсложен и најсериозен роман на популарниот автор Зоран Спасов Sоф – „И јас сум Сирма“. Кон книгата, која е во издание на „Попули“, дел од „Арс Ламина – публикации“, се осврнаа промоторката Татјана Алексиќ и уредничката Татјана Димовска-Атанасова.
Ова е петта книга на Зоран Спасов Sоф во издание на „Арс Ламина“, по хит-книгите „Тито, мојот претпоследен херој“, „Торонто експрес“, „Џабе живиш у Скопје“ и „Цепај сине: пошто џабе живиш у Македонија“. Во своето обраќање Ѕоф истакна дека Сирма е всушност симбол за Македонија, а „И јас сум Сирма“ е приказна за Македонија.
– Сирма напати ме потсетува на некого: на мајка ти, баба ти, на мајка ми… но најмногу од сè ми личи на Македонија. Двете делат иста судбина, со секој здив, со секој збор, со секоја реченица. Не ја познавам лично, но имам чувство дека цело време е тука некаде, на дофат… Книгата има многу слоеви. Има многу пораки меѓу редови и многу ликови. Една од ретките книги каде што на едно место ги има Страшо Пинџур, Нострадамус, Невена Георгиева-Дуња, Данте Алигери, Ибе Паликуќа и други… и се сместени на местото каде што припаѓаат. Еден од рецензентите на книгата ме праша како успеав една долга историја од 3000 страни, да ја спакувам во 200 страници… Но, книгата е проследена и со веб-сајт ijassumsirma.mk каде што се објавени рецензиите и сите материјали поврзани со книгата, а има и проверка на фактите во книгата. Факти што не му се познати на Македонецот. Ќе се зачудат читателите како јас некои луѓе, кои се антихерои, ги носам на пиедестал, како големи Македонци, а имам и некои „величини“ кои малку ги имам намалено… Во книгата ве чекаат многу изненадувања –пријатни и непријатни, ако не се расплачеш, не си човек, и ако не се намееш –пак не си човек… така ја пишував, со смеа и солзи – рече Ѕоф.
Одамна имал желба да напише книга за Сирма Војвода, која ја смета за олицетворение на непокор, рамо до рамо со Роза Луксембург, Клара Цеткин, или Милунка Савиќ. Според него Сирма е трагичен лик, со трагична судбина, како што е трагична судбината на Македонија.
Уредничката на книгата Татјана Димовска-Атанасова истакна дека „И јас сум Сирма“ е најамбициозното дело на Зоран Спасов Ѕоф досега. Станува збор за своевиден книжевен експеримент, што може да се перципира како хибрид, фрагментарен роман или пак, како збирка раскази што може да се читаат засебно и без одреден редослед. Жанровски е ситуиран како историска фикција со примеси на драма, политички трилер, сатира, магичен реализам и дистопија.
Она што најпрецизно би ја дефинирало оваа книга е книжевен пачворк. Авторот зема парчиња од нашата историја, од сосем различни временски контексти и педантно ги пришива едно за друго со една заедничка нишка – ликот на Сирма Војвода. Навидум неповрзани меѓу себе, приказните во романот се слеваат во еден вид наративен кластер кон центарот на романот – Сирма. Користејќи се со социјални типови, преместување на перспективата, инверзија и иронија, Ѕоф ги карикира колективните митови, си поигрува и се пресметува со стереотипите и со сето она што е типично за ова општествено-политичко и историско милје. Романот е импресивна вивисекција на македонскиот дух прикажана преку внатрешна и надворешна фокализација на главната хероина Сирма, која авторот ја издига на ниво на митолошка парадигма – синоним за сила, истрајност, храброст, бескомпромисност, но пред сè синоним за Македонија – рече Димовска-Атанасова.
Промоторката на книгата Татјана Алексиќ рече дека „сите ние, помалку или повеќе, сме Сирми“.
Мерак ми е што вечерва и јас сум Сирма! Сите ние сме Сирми. Ова не е омаж за Сирма, туку женски родослов… Сите ние, помалку или повеќе сме Сирми, и треба да ѝ се поклониме, како што Sоф, писател и женољубец со култ кон македонската жена, им се поклони – оживувајќи ја Сирма, во еден современ роман – сага, приказна во приказна, затоа што „сите живи суштества се раѓаат со инстинкт за преживување. Пајаците, за да преживеат, ткаат мрежи. Луѓето за да преживеат, ткаат приказни. За нас нема ништо поважно од овие приказни“, што би рекол генијалниот Горан Стефановски, со кого нашиот ткаач на приказни Sоф, го почнува второто поглавје на романот „И јас сум Сирма“. Можете да го читате романот од напред од средина, а и од назад… како Хазарски речник. Хронологијата нема свој крај во романот, како ни идеологијата на Сирма. Да напишеш ваков роман фикција, фузија од историски факти и митови, среќа и горчина, реалност и фантазија, треба да си начитан, наслушан, нагледан, нашетан и наигран. Да си доообар играч на полето (терен) на културата. Не мора да си најаден и напиен, затоа што испишаните страници се храна и вино. Дегустаторите на романот ,,И јас сум Сирма” ќе имаат сервирана богата трпеза на пикантерии од далечното минато, поблиското минато и блиската иднина, без да почувствуваат дека се во сегашноста, качени на временската машина ала автобусот од филмот „Ко то тамо пева“ – рече Алексиќ.
Специјална гостинка на настанот беше младата актерка Јована Спасиќ, која беше во улога на Сирма. Со доза на драматичност, хумор и сарказам таа ја „оживеа“ Сирма на бината во денсинг-салата на МКЦ, претставувајќи ја истовремено нејзината храброст и сила, но и нежност и убавина. По промоцијата, забавата продолжи со настап на „Сирма rock’n’roll бенд“, кој изведе познати рок и поп-нумери од домашната и светската сцена.
Како што беше случајот со претходните книги, така и со новата – заработката од продажбата на „И јас сум Сирма“, Ѕоф ќе ја донира во хумани цели. Вчера на Детската клиника во Скопје беше отворена библиотеката „Соба на бајките“ – донација на Зоран Спасов Ѕоф и „Арс Ламина“. Библиотеката е направена и опремена со средства од продажбата на претходната хит-книга на Ѕоф – „Цепај сине: пошто џабе живиш у Македонија“. Во библиотеката се застапени околу 100 книги за деца, сликовници, читанки и лектири на македонски и на албански јазик. Со оваа донација Ѕоф и „Арс Ламина“ ја продолжуваат заедничката мисија да им помогнат на најранливите категории, особено на децата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.