Регионалната дирекција за национална култура од Корча ќе ја реставрира црквата „Света Богородица“, на островот Мал Град, кај Пустец, област Мала Преспа, Албанија, ќе се санира и патеката до неа, а ќе биде поставено и осветлување на островот.

Проектот е дизајниран од тимот на регионалната дирекција за национална култура од Корча и ќе се реализира со финансиска поддршка на Европската Унија, Министерството за култура на Албанија и Министерството за култура на Македонија во рамките на проектот „Smart4you2“. Овој прекуграничен проект доаѓа како продолжение на проектот „SmartCulTour“ со партнерите од Општина Битола, Општина Пустец, музејскиот центар од Битола и Дирекцијата од Корча, објави македонскот весник „Илинден“.

Проектот има за цел да го зголеми туристичкиот потенцијал на Преспа преку создавање уникатна дестинација со реставрација на црквата „Света Богородица“ и истакнување на природните и културните вредности преку монументалното осветлување на патеката и околината каде што се наоѓа.

Пештерската црква „Света Богородица“, со својот фрескоживопис отскокнува од другите пештерски цркви расфрлани по бреговите на Преспанското и Охридското Езеро.

Оваа црква низ времето претрпела измени. Тоа го знаеме од трите сочувани натписи кои се наоѓаат на неа. Во првиот натпис, пишува дека основач на црквата е Бојко со жена му Евдокија во 1345 година. Во вториот натпис, пишува дека црквата е возобновена во 1369 година од Кесар Новак, неговата сопруга Кали, син Амирал и ќерката Марија. Третиот натпис датира од 1607 година, кога е насликана надворешната западна фасада. Внатрешноста на црквата, е целосно живописана и е доста позната по ѕидните фрески од византискиот палеолошки стил, наведува весникот.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.