Политичките партии своите настани во иднина не ќе можат да ги одржуваат во Офицерскиот дом во Битола, кој стана средиште на културните збиднувања во градот, туку ќе бидат пренасочени во киното „Манаки“. Вака одлучи Културно-информативниот центар (КИЦ) кој управува со двата објекти во Битола, а по сугестија на советниците од општинскиот Совет.

Имаме и сугестии од страна на Советот настаните што ги организираат политичките партии да ги пренасочиме во Киното ‘Манаки’. Политичките партии си плаќаат за нивните настани и ги сметаме за комерцијални настани, а понекогаш тие се и настани од културата погодни за во салите во Офицерски. Но, ги слушаме сугестиите и ќе ги пренасочиме, вели директорката на КИЦ Лили Бошевска.

Културно-информативниот центар од Битола беше домаќини на повеќе од четиристотини културни и други јавни настани за само десет месеци активна работа во 2022, при што прими преку 65.000 публика, а на сценските простори на КИЦ во Офицерски дом и кино „Манаки“, настапија преку 500 изведувачи од сите културни сегменти, како музичари, актери, поети, сликари, фотографи, мултимедијални артисти и други.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.