Од денеска во Кинотеката ќе почне нов циклус филмски училници наменет за основци што сакаат да научат што е филм, како се прави филм и самите да направат филм. Филмските училници ќе се одржуваат во десет работни саботи до почетокот на декември, во видеотеката и киносалата на Кинотеката.
Координатор на целата програма е режисерот Саша Станишиќ, искусен едукатор и филмски професионалец, а на тематски посветените часови гости предавачи ќе бидат и монтажери, кинематографери, сценаристи, продуценти и филмски професионалци кои ќе ги воведат учениците во тајните на создавањето игран филм.
Овие едукативни сесии, под наслов FILMAY 2024, Кинотеката ги реализира во рамки на поширокиот меѓународен проект FilmED (film education), финансиран од Европската Унија преку програмата МЕДИА.
Како што соопшти Кинотеката, целта на FilmED е да го промовира европскиот филм и европското филмско наследство за новата и млада публика, да создаде можности за интеракција и разбирање на филмската уметност.
Во изминатите години Кинотеката има организирано филмски работилници и логистичка поддршка на едукативни работилници за филм (организирани од надворешни соработници), но и учествувала во меѓунарони проекти од Eразмус+ програмата кои подразбирале изработка на едукативни модули. Тие се достапни онлајн за обука на оние коишто сакаат да архивираат филмови и да го вклучат филмот во образовниот процес.
-Овој пат, во рамки на FilmED, искуството од филмската училница ќе го преточи во серија снимени туторијали кои преку веб-страницата на Кинотеката ќе бидат достапни за сите наставници кои сакаат да стекнат повеќе знаење за филмот и, преку актуелните образовните програми, истото да го вклучат и пренесат на учениците со кои работат, соопшти Кинотеката.
Заинтересираните за учество во филмската училница може да се пријават и информираат на тел. +389 78 398 085 или на електронската адреса: [email protected]
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.