Кинотека на Македонија по прв пат е дел од проект во рамките на ЕРАЗМУС + програмата, подржана од Европската Унија. Проектот е од областа на стручното образование и обуки и е во соработка со партнери од Бугарија (СОКИ од Бугарија се раководители на проектот), Германија и Холандија. Евтината дигитализација на стари филмови реферира на дигитализација на 8-милиметарски и 16-милиметарски филмски ленти како и магнетни носачи на слика (VHS, BETA, S-VHS, SUPER8…). Проектот се реализира преку развој на дигитална подготвеност, одржливост и капацитет и произведува систем за управување со учење и онлајн алатки за оценување. Секој учесник во проектот развива (снима) филмови за полесно прифаќање на разработените содржини т.е. евтината дигитализација на наведените домашни филмски формати и развива туторијали за темата како на пример: Подготовка на материјали за дигитализација, Селекција и приоритизација на филмски материјали, Зачувајте ги спомените, Дигитализација, Десеминација на дигитализираните материјали… Овие алатки се во склад со денешните тенденции за дигитално образование. Пристапот за обука на корисниците на проектот се заснова на отворено учење и учење на далечина. Содржините на проектот го прават учењето флексибилно и приспособливо.
Проектот обработува важна тема не само за Европа, туку и за целиот свет: како да се зачуваат „спомените“ на човештвото односно аматерските и полуаматерските, домашни, филмски записи. Ова е глобално популарно во последно време. Многу културни и историски настани се снимени на таканаречени домашни филмови и видеа: историски настани, културни настани, места, луѓе, традиции итн. А пак овие филмови не секогаш се наоѓаат во раце на професионалци како кај нас во Кинотеката. Во светот веќе постојат архиви (кинотеки) посветени само на „домашни филмови“, а еден конгрес на ФИАФ (Светската асоцијација на филмски архиви) беше посветен на овие формати. Меѓународно прилагодените материјали за обука со бесплатен пристап, развиени од страна на проектот, ќе придонесат, во пошироки размери, да ја објаснат потребата од зачувување и дигитализација на ваквите филмови. Производство на такви меѓународно приспособени едукативни материјали ќе бидат корисни за луѓето што ќе го користат проектот.
Проектот развива и интернет платформата на која секој ќе може бесплатно да се обучи во сферата на евтина дигитализација на стари филмови, и истата е веќе функционална за запознавање со проектот (https://mobireel.eu/). Во текот на следниве месеци, обуката ќе биде достапна на пет јазици, меѓу кои и македонскиот. Тој што ќе ја помине целата обука ќе обезбеди поени за себе и со тоа ќе добие сертификат за успешно завршена обука во сферата на стручното континуирано образование. Тоа значи дека овој сертификат ќе биде меѓународно признат и ќе може да се користи во земјите на Европската Унија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.