Во декември 2021 година  од печат излезе најновото, јубилејно издание на списанието  „Кинопис“ 59-60, информираат од Кинотека.

По тој повод, в петок, на 18 март во кино-салата на Кинотеката, со почеток во 12 часот ќе се одржи мала пригодна презентација на овој број на списанието со што ќе се одбележи јубилејното, 60. издание на Кинопис.

Списанието „Кинопис“ е природен наследник на кинотечниот магазин „Кинотечен месечник“ (кој излегува од 1977 до 1987 година), чии изданија во македонската филмска историја и теорија имаат статус на своевидни „Филмски тетратки“, по урнекот на легендарниот магазин за филм „Cahiers du Cinéma“ („Филмски тетратки“), основан во 1951 година во Париз: еден од основачите е Андре Базен (André Bazin), филмски критичар и теоретичар со светско реноме, за кого се смета дека имал пресудно влијание во лансирањето на францускиот „нов бран“…

Првиот број на „Списанието за историја, теорија и култура на филмот и на другите уметности „Кинопис“ излезе во 1989 година.

И така во текот на таа 1988 година и во неколку месеци од следната 1989 се обликуваше концептот, се прибираа текстови… Беше постигнат договор списанието да се печати во печатницата на Нова Македонија, а ликовно-графичкото обликување да го направи Костадин Танчев-Динката. Роберт Јаки ја изготви хронологијата на фотографските пронајдоци (како претходници на филмот), а свои трудови дадоа: Мирослав Чепинчиќ, Катица Трајковска, Сузана Милевска, Павлина Гргуревиќ, Цветан Гавровски, Ѕвонко Ѓокиќ, Благоја Куновски, Георги Василевски, Конча Пирковска, Стојан Синадинов, Љубомир Костовски, Слободан Петровиќ, Борис Ноневски, Дубравка Рубен, Игор Старделов и мојата маленкост. Во првиот број беше поместена и Декларацијата од Делфи – Европската аудиовизуелна повелба. Со кориците (внатрешни и надворешни) накусо ја раскажавме природата на филмот: предна (надворешна) – прикажувач на латерна магика (гравура од Гаварни); предна (внатрешна) – Тишина, се снима! (Вон Штернберг на сет); задна (внатрешна) – Бастер Китон со големи ножици пред монтажна маса; задна (надворешна) – Бастер Китон меѓу два вагона, премрзнат, патува во непознат правец! Како филмот, на почетокот! Се сеќавам…, вели првата главна и одговорна уредничка на „Кинопис“ Илинденка Петрушева, од 1989 до 2016, по повод 30 годишнината на списанието, поместено, секако (!), во „Кинопис“ бр. 55-56.

Сеќавањето на Петрушева за животот и приклученијата на „Кинопис“ продолжува понатаму:

Кинопис“ во својот поднаслов ја има дефиницијата за неговите цели: списание за историја, теорија и култура на филмот и на другите уметности. Филмска уметност, филмска култура, филмска едукација! И сето тоа во корелација со другите уметности! Ваквото дефинирање на списанието ги наметна, се разбира, и рубриките, некои постојани, а некои според потребите: Историја, Теорија, Архивски трезори, Македонска филмска сцена, Автори-филмови, Аматерски филм, Гледишта, Есеи, Истражувања, Поводи, Портрет, Македонски филмски дејци, Светско филмско наследство, Стрип, Телевизија-видео, Филмот и информатиката, Филмот и театарот, Филмот и музиката, Филмот и ликовните уметности, Фотографија, итн., итн… Еден широк спектар на теми кои отвораат бескрајни хоризонти на сознанија. И сето тоа – со една исклучителна плејада авторски имиња…!“

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.