Фране Памиќ, кинематограферот на филмот „Ескорт“ по проекцијата на филмот на 44. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ говореше за соработката со режисерот Лукас Нола, кој неодамна почина.
Добив покана од Нола, тој е хрватски познат режисер и тоа за мене беше голема работа бидејќи тој ми беше професор на Академијата. Лукас беше и сликар, имаше завршена ликовна академија и размислуваше во слики. Сакаше многу да ексериментира и пробувајќи нови нешта дојдовме до интересни резултати со актерите, светлото, бојата…Филмот е еден вид борба на Лукас против насилството, рече Памиќ.
Тој се заблагодари за поканата и подвлече дека од најмлада возраст го следи Фестивалот „Браќа Манаки“ и дека се надева оти ќе дојде повторно со друг филм.
Филмот „За сувите треви“ на синоќешната проекција предизвика големо интересирање. На денешната прес-конференција кинематограферскиот тандем Куршат Уресин и Џевахир Шакин споделија искуства од соработката со режисерот, како ги одбирале кадрите, актерите…
По првиот состанок со режисерот заминавме да ги посетиме локациите и одлучивме да снимаме на три локации истовремено. Следно беше со колку објективи ќе се снима, па се прилагодивме на нешто што веќе ни беше познато со оглед на тоа што режисерот веќе има еден препознатлив стил. Негативната линија и мрачноста на главниот лик сакавме да ја доловиме со светлото и со камерата. Сакавме да го насликаме внатрешниот психолошки свет на ликовите, па така Садек секогаш беше во сенка, за разлика од останатите ликови кои беа осветлени, рече кинематограферскиот тандем.
Во филмот има и колаж на фотографии кои се направени од режисерот кој всушност е мошне познат фотограф, но и фотографии кои ги направиле додека ги барале локациите за снимање.
Ракел Фернандез Нуњес е потпретседател на шпанската кинематограферска асоцијајија и една од најдобрите шпански кинематографери. Добитничка е на „Награда за најдобра жена кинематографер“ на Фестивалот на независен филм за жени во Лос Анџелес.
Нејзиниот филм „Анка“ во рамките на документарната програма на 44. ИФФК „Браќа Манаки“ вчера беше прикажан во киното „Манаки“. Во филмот станува збор за жени кои преживеале насилство.
Во фокусот ни беше да ја истражиме болката што ја преживеале овие жени, биографскиот дел не ни беше важен. Тешко беше да се допре до нив и затоа одлучивме да работиме со екипа која ќе биде составена само од жени за тие да се чувствуваат покомотно. Во спротивно сметавме дека нема да проговорат за насилствата кои ги преживеале, рече Ракел Фернандез Нуњес.
Гијом Ле Гронтек, кинематограферот на филмот „Кратко патување“ кој имаше премиера на фестивалот во Венеција, а вчера беше прикажан и на „Браќа Манаки“ денеска на прес-конференција рече дека е многу среќен што е во Битола и што овде бил прикажан неговиот филм кој е работен со мошне млада и талентирана актерка и режисерка која е во подем.
Од документарната програма, вчера беше прикажан и филмот „Светло на светлината“ а кинематограферот Неритан Зинџирија. Филмот говори за искуството кое почнало денес, а ќе продолжи можеби по сто години и се занимава со безвременската природа на искуствата.
Мене ми беше многу важно да се фати точниот ритам на светлината и да се зачува чувството на анонимност, на непознатост. Снимав на Света Гора , но наскоро почна пандемијата и дојде до некакво поклопување на сето тоа –снимање на изолирано место, а и цел свет во пандемијата беше во изолација, рече Зинџирија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.