На денешната прес конференција во рамките на годинашното издание на ИФФК „Браќа Манаки“ присутните ги слушнаа кинематограферите Митја Личен, Гергу Сомоѓвари, Сергеј Сарчевски и Грим Вандекеркхов.

Филмот претставува критика на елитата. Ликовите во филмот на некој начин ги материјализираат нашите темни мисли. Никој од нас на странец веројатно не би му ја отворил вратата. И на некој начин ова што го прикажува филмот е инцидент, тие не би му ја отвориле вратата доколку не е во прашање нивниот гостин. Ги познавам лично актерите кои играат во филмот. Имавме проби со нив, работилници, беше лесно да се работи со нив, говоревме отворено за се и немаше никакви проблеми. Сниман е во период ноември- декември и бидејќи во тој дел од годината поради времето, светлината не толку силна како во останатиот дел од годината имавме помалку време на располагање за снимање. Но, имаше секогаш доволно време, рече Митја Личен, кинематограферот на филмот „Токсично“ , кој беше прикажан во рамките на Европска Lo-Cap програма.

Документарниот филм „Самовилска градина“ е целосно авторство на Гергу Сомоѓвари и говори за трансродова девојка која живее со бездомник надвор од Будимпешта.

Во 2019 во Унгарија беше донесен закон со кој им се забранува на бездомните луѓе да спијат на улица. Со пријател кој работи како социјален работник одлучивме да направиме краток документарен филм со некој бездомник кој би бил отворен за соработка. Лутавме низ шумите околу Будимпешта барајќи соговорник и еден ден ја пронајдовме таа прекрасна куќичка и девојката која беше пријателски расположена за соработка. Ни ја раскажа приказната како се сретнале и се спријателиле и почнале да живеат заедно. Кога ја видов снимката на камерата од нив двајцата после првото снимање која беше 20 минути и одлучивме тоа да биде филм. За среќа имам моја опрема и сите предизвици со кои се соочивме при снимањето можев да ги надминам. Сакам да работам со режисери, но овој пат навистина беше добро што немаше никој друг меѓу мене и ликовите со кои работевме и уживав додека работев. Се зближивме во текот на снимањето и сеуште се грижам што се случува со неа, нема лесен живот и мошне е тешко да се направи дистанца по четири години снимање и да се одлучи дали сме пријатели, дали таа е само субјект, дел од филмот…Но, главната идеја е да бидеме хумани, не треба да поставуване строги граници меѓу нас, рече Сомоѓвари и подетално го објасни статусот на бездомниците и припадниците на ЛГБТ заедницата во Унгарија.

Во рамките на кратката програма беа прикажани филмовите „Мала шега“ и „Преку водите“, а денеска кинематограферите Сергеј Сарчевски и Грим Вандекеркхов проговорија за значењето да се биде дел од фестивалот „Браќа Манаки“, нивниот начин на работа, што ги инспирирало да работат токму на овие филмови.

Она што ме инспирираше за работа на овој филм беше сценариото, со оглед на тоа дека станува збор за тоа како некогаш многу мало нешто може да ја промени вашата перспектива. Тоа ми беше фасцинантно, бидејќи и самиот некогаш размислувам за прашањата кои сме, од каде доаѓаме, како е формирано нашето влијание…, рече Вандекеркхов.

Оригиналната приказна на Чехов е основата за филмот „Мала шега“. Размислувале да го направат во оригинална форма, но потоа одлучиле да ја модернизираат и да ја направат поинтересна.

Требаше да снимаме четири дена, излезе да има потреба од пет дена снимање. Буџетот за снимање секогаш е предизвик, потоа на денот кога почнавме да снимаме почна да врне, па презакажавме и сценографијата моравме да ја пренесеме во студио и таму да продолжиме со снимање, но на крајот се излезе доста добро, рече Сарчевски.

И двајцата изразија задоволство што се во Битола и рекоа дека се среќни што се овде на единствениот и најстар фестивал посветен на кинематограферите, каде многу подиректно отколку на било кој друг фестивал можат да им пријдат на колегите кинематографери кои веќе се големи ѕвезди.

Синоќа додека седнавме да вечераме, Данте Спиноти седна зад мене и рече „Добар апетит“, така што вакво нешто не може да ми се случи на некој друг фестивал, раскажа Вандекеркхов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.