Претставата „Кафез кај кокони“ на Драмски театар Скопје доби три награди на 26. по ред МТФ Денови на комедија Куманово 2023.

Жирито во состав Магдалена Ризова Черних претседателка и членовите Драгана Гунин, Кети Пауновска Стевковска, Петар Андоновски и Стефан Јакимовски ги донесе следниве одлуки за награди на Фестивалот:

Најдобар актер Александар Степанулески „Кафез кај кокони“ Драмски театар – Скопје;
Најдобра споредна улога Бранко Атанасов „Кафез кај кокони“ Драмски театар – Скопје;
Најдобра костимографија Раде Василев и Елена Вангеловска „Кафез кај кокони“ Драмски театар – Скопје.

На свеченото доделување актерите и добитниците на наградите од ансамблот на Драмски искажаа благодарност до жирито и посетителите на Фестивалот и упатија покана до публиката да ја гледа претставата веќе на 28 октомври и во останатите термини на редовниот репертоар на Драмски театар Скопје.

„Кафез кај кокони“ на режисерот Димче Николовски ја имаше својата премиера во мај годинава и освен на матичната сцена претставата се играше и во рамки на фестивалот „5ре“ во Велес и Скопско културно лето.

Улогите во претставата ги играат актерите: Жорж – Филип Трајковиќ, Албен – Александар Степанулески, Жакоб – Стефан Вујисиќ, Табаро – Предраг Павловски, Мерцедес – Димитрија Доксевски, Зорба – Маја Вељковиќ Пановска, Лоран – Дамјан Цветановски, Камиј – Соња Стамболџиоска, Едуар – Златко Митрески, Мјуриел – Нела Павловска, Симон – Емилија Мицевска и Саломе – Бранко Атанасов.

Во програмата за претставата Александра Бошковска која заедно со Благоја Бошковски Буцо ја направи адаптацијата вели: „Француската фарса „Кафез кај кокони“ (“La cage aux folles”) ја има својата праизведба во февруари 1973 година во Париз. Мајсторски конструирана од познатиот актер и комичар Жан Пуаре како комедија на ситуации, забуни и карактери, ја освојува публиката на прв поглед и доживува над 2000 репризи. Игрив и забавен, но и храбро проткаен со сериозни теми дотогаш неприкажани на толку експлицитен и дрзок начин, текстот со хумор и леснотија задира во многу комплицирани теми: потребата за општествено прифаќање, сексуална слобода, избор во љубовта и потребата да се задржи личниот интегритет. Сместена во Сен Тропе, во веселите седумдесети, претставата „Кафез кај кокони“ покажува дека педесет години потоа, овие прашања се се’ уште отворени и провоцираат дијалог низ истата структура на хумор, игривост и дрскост“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.