Во соработка помеѓу Центарот за истражување и известување за животната средина „Еко-Свест“ и КСП Центар „Јадро“, на 22  февруари, среда, со почеток во 20 часот ќе биде отворена групната изложба „Каде текла реката, пак ќе тече“.

Изложбата ќе биде поставена во КСП Центар „Јадро“ и ќе биде отворена за посетителите до 28 февруари.

На изложбата ќе бидат претставени  фото и видеоесеи во рамки на регионалната кампања за заштита на реките “Save the blue heart of Europe“,  од  авторите Ивана Самандова, Филип Лафазановски и Влатко Деков.

Според организаторите, фокусот на „Каде реката текла, пак ќе тече“ е изградбата на малите хидроцентрали на територијата на Македонија кој оставаат непоправливи последици по животната средина и природата, до степен кој го загрозува опстанокот на водните екосистеми и на заштитените и ендемски животински и растителни видови.

Во моментов, на дивите и недопрени реки низ земјава се изградени 98 мали хидроцентрали, a се планира изградба на уште најмалку 50 нови! Поголем дел од нив се градат во некои од најатрактивните речни долини во строго заштитени и значајни подрачја како што се: Баба Планина, Шар Планина, Караџица, Бистра, Даутица, Кожуф и многу други. Малите хидроцентрали се градат зад очите на јавноста, без јавни консултации и без соодветна студија за оцена на влијанието врз животната средина, велат од Јадро.

Тие нагласуваат дека уметниците и претставниците на „Еко-свест“, оствариле повеќе теренски посети на локации во заштитени подрачја каде има изградени мали хидроцентрали .

Тие преку фотографија и видео се осврнуваат на штетите врз природата кои ги предизвикува изградбата на малите хидроцентрали – изградба на бариери кои го фрагментираат речното корито, оневозможување на слободното движење и миграција на рибите и останатите акватични видови, канализирање на водата во цевки и оставање суви речните корита, менување на геоморфологија на теренот, сечење на шумите заради изградба на пристапни патишта и фрагментирање на шумските живеалишта, ерозија на теренот, загадување на водните текови заради акумулирање на седименти во речните корита и многу други штети врз природата, реките и екосистемите“, посочуваат од Јадро.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.