Театарот за деца и младинци – Скопје денеска ќе одбележи уште еден значаен јубилеј. Станува збор за 250. изведба на култната претстава „Црвенкапа“.
Од Театарот информираат дека претставата „Црвенкапа“ премиерно била изведена на 7 декември 2001 година.
Автор на драматизацијата е Александар Поповиќ, кој создаде уникатна верзија на познатата бајка од Шарл Перо, а режијата е на Димитар Христов. Цели 20-тина години, претставата „Црвенкапа“ едуцира, забавува и поучува илјадници дечиња и денес таа продолжува да ги радува детските срца и да ја пренесува пораката за победата на доброто, чесноста, искреноста и пожртвуваноста. Од почетоците до денес, актерката Ана Левајковиќ – Бошков, се појавува како единствената Црвенкапа која неуморно и со посебен актерски сензибилитет ја толкува истоимената улога. Заедно со неа, од почетоците до денес публиката има можност да ги гледа брилијантните улоги на Владимир Лазовски, кој го толкува забавниот Волк и Драган Довлев, во улогата на Ловецот. Во останатите улоги, низ 20-тите години се појавија повеќемина актери, посочуваат од Театарот.
На претставата работеа и Иван Ивановски, кој го направи преводот на текстот од српски јазик, заедно со посебните сонгови што се користат. Сценографијата е на Живоин Трајановиќ, а костимите ги работеше Лира Грабул. Автор на музиката е Љупчо Мирковски, а кореограф е Сања Шутевска. Низ годините како инспициент на претставата беше Ѓурко Стојановски, а сега е Ѓуро Дракулоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.