На 7 март (вторник) 2023 во КИЦ на РСМ во Софија, со почеток од 18:00 часот, ќе се одржи отворањето на ликовната изложба „Реминисценции“, составена од сликарски дела на Марјан Ѕингаров, повеќегодишен соработник и пријател на КИЦ на РСМ во Софија. На изложбата авторот го претставува својот последен циклус од сликарски дела. Сликите се изработени на платно со комбинирана техника и употреба акрилни бои.

Марјан Ѕингаров е роден 1976 г. во Струмица. Дипломирал во 2002 г. и магистрирал во 2005 г. на Националната Ликовна Академија во Софија, Бугарија.

Има реализирано девет самостојни изложби во Македонија, Бугарија и Романија. Учесник на групни изложби во Македонија, Бугарија, Грција, Србија, САД, Англија, Шпанија, Швајцарија, Италија, Полска, Чешка, Романија.

Носител на Годишната награда на Општина Струмица, св. Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици за 2022, за особен придонес во областа на културата и уметноста.

Носител е на Втората награда на Четврти меѓународен конкурс за апстрактна уметност “21 х 21” 2022 на Галерија [A] CUBE во Софија.

Делата на Марјан Ѕингаров следат една постојана траекторија на забрзување и компресирање на апстрактната сликовност со емоција и возбуда. Од знаковните студии со трње (од истоимениот циклус во 2015 година) преку геометриските бездни од 2018 г. до припитомените стравови и сенки во сегашната серија „Реминисценции“, Ѕин систематски е во потрага на кој начин да претстави повеќе со помалку. Без да западне во излишно сликање, тој работи со прецизна композиција во сѐ поапстрактни платна, исполнети со својствен однос кон пластичноста. Тие остануваат декоративни во својот карактер, без претензии за живописност, но тој плакатен квалитет е совладаниот јазик на музичката хармонија на овој циклус, неговата едноставност, синтетизирана од одбрани изразни средства. Оваа тивка лиричност им придава посебен дух на делата, кои не случајно потсетуваат на архаични траги. Траги, пронајдени под урнатините на една визуелна цивилизација којашто ја губи мистичната моќ на сликата. Она што останало како сугестија од овие слики, е магливото сеќавање за нив и нивните осамени, избледени сенки.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.