Во Археолошкиот музеј на Македонија во Скопје утре ќе биде отворена изложбата „Сребрена Тракија“, која е прво целосно претставување на тракиската култура во земјава.

Во духот на европските вредности и зацврстување на културната соработка меѓу Македонија и Бугарија, изложбата е резултат на врвната професионална соработка меѓу македонскиот Археолошки музеј и Националниот археолошки институт со музеј при Бугарската академија на науките во Софија и ќе биде отворена од страна на високи државни претставници од двете држави. Изложбата со свој поздравен говор ќе ја отвори министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која е покровител на изложбата, а свои обраќања ќе имаат и претседателите на македонското и на бугарското Собрание, Талат Џафери и Росен Димитров Жељазков, министерот за култура на Бугарија, Крастју Крастев, како и директорите на двете музејски институции кои се организатори на изложбата, Славица Бабамова и Христо Попов, се наведува во соопштението од соопшти Археолошкиот музеј.

Изложбата „Северна Тракија“, која е поддржана од Министерството за култура на Македонија и од Министерството за култура на Република Бугарија, покрај ексклузивните археолошки предмети од Националниот археолошки институт со музеј при БАН – Софија, содржи и наоди од 17 историски и регионални музеи во Бугарија.

Изложбата, која го содржи и Тракиското сребро, познато во археолошкиот свет поради својата уникатност и извонредна уметничка изработка, досега била претставена во повеќе музејски центри во Европа и во светот, а поставката, која се изложува во Скопје, претставува најкомплексна и најобемна презентација на наодите кои ја претставуваат тракиската култура и цивилизација.

Презентацијата на изложбата „Северна Тракија“ во Скопје претставува продолжување на неколкугодишната соработка меѓу Националниот археолошки институт со музеј при БАН и Археолошкиот музеј на Република Македонија и се реализира по одличното претставување на изложбата „105 години Требениште“, која неодамна беше отворена во Софија, Бугарија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.