Во вторник, на 21 мај 2024 година во 12:00 часот во Домот на култура “Бели Мугри” во Кочани, ќе се одржи изложба на современ македонскифилигрански накит на уметницата и етнолог Марија Милошевска од Скопје. На оваа средба посетителите ќе имаат прилика да доживеат поинаков пристап на филигранската техника и филигранскиот накит.

Марија Милошевска веќе дваесетина години го промовира филигранскиот занает преку современиот концепт низ различни медиуми како накит, инсталации, објекти, перформанси и видео арт.

 

Марија Милошевска е родена 1982 година во Скопје. По завршувањето на студиите по етнологија и антропологија на Природно – математичкиот факултет во 2004, се фокусира на изучување и пренесување на процесот на филигранската техника преку разни медиуми.

Во 2009 година, го изведува првиот перформанс во кој ја прикажува филигранската техника како процес на оживување, почнувајќи од постојаноста на материјата, преку вдахнувањето форма и содржина, до самиот крај, кога делото живее и поседува љубов и енергија.

 

На XIV Биенале на млади уметници од Европа и Медитеранот, во областа на применетите уметности, кое се одржа во Скопје во 2009, Марија Милошевска е еден од претаставниците на Македонија.

Првата самостојна изложба на филигрански накит и инсталации „ОРОРОК- ладна жица стопена во жежок ритам“, инспирирана од ексјугословенската рок-музика, Милошевска ја презентира во 2011, во Скопје, Гевгелија и во Љубљана.

 

2012 година е значајна творечка година за Милошевска, изведува уште два перформанса на филигранска техника, во Скопје и во Виена, и го промовира и својот прв документарен филм „Сребрена песна“/Silver song, претставен на повеќе фестивали надвор од Македонија.

Фестивалот за документарни рок-филмови „ДОРФ“ во Винковци, Хрватска, четири години и ја даде довербата да биде дел од креативниот тим и да ги дизајнира наградите. Во јули 2015 година ја изработува наградата за животно дело за музичарот Дејвид Боуви, доделена од фестивалот “Skopje Cinema City”.

Во соработка со кураторската организација „Something human“ од Лондон, Милошевска реализира два перформанси, „Дом, миграција, идентитет“ во Скопје и „Crisis”, во Bonington Gallery, Нотингем, В. Британија.

Марија Милошевска со перформансот на филигранска техника на тема „Уметноста е жива”/ „Art is alive” го отвора фестивалот за нови медиуми Grisia Youth во Ровињ, Хрватска (2018). Истата година во ноември Милошевска учествува во истражувачката програма на Номадски дијалози (Nomadic dialogue) во организација на CCFT (https://www.researchcatalogue.net/view/380422/491653) на Универзитетот за уметност, музика и дизајн во Берген, Норвешка, каде се претстави со перформанс и изложба на тема „Between imaginary boundaries” и „The ethics of fly fishing”.

Во април 2019 е дел од изложбата „Раскршће” на светскиот мајстор на филигранска техника Горан Ристовиќ, во Манакова куќа во Белград, Србија.

Марија Милошевска е основач на брендот #МАкедонскаМушичКА – МАМКА, чии производи ја пренесуваат приказната за најстарото пишано сведоштво за рибарскатата мушичка позната во светот под името Macedonian Fly. Колекцијата “MAMKA” на Марија Милошевска ја добива наградата BIG SEE моден дизајн за 2021 во конкуренција на 23 земји од Европа. Во периодот од 25 август до 12 септември 2022 година колекцијата МАМКА беше промовирана во Етнографскиот музеј во Белград каде воедно беше и првата концептуална изложба од современ карактер во 121 година постоење на овој музеј во Белград. Во октомври истата година “МАМКА” беше промовирана во Скопје во Музејот на Македонија.

Во 2023 Марија беше дел од Slovenian jewelry week во Етнографскиот музеј во Љубљана и на фестивалот за дизајн во Љубљана – Ljubljana design week.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.