Во Локалната установа Градски музеј Крива Паланка е отворена самостојната изложба на Стефан Хаџи-Николов, прва во серијалот од иницијативата на музејот за претставување на по еден учесник од Меѓународната ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“, што се одржува во истоимениот манастриски комплекс.
Стефан Хаџи-Николов е долгогодишен учесник на колонијата и член на организацискиот одбор, член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија од 1984 година.
Директорот на Градскиот музеј Крива Паланка, Драган Величковски, на отворањето истакна дека ова е еден нов начин во соработка со меѓународната колонија и Општина Крива Паланка, колонијата и учесниците да се доближат до публиката и граѓаните, со оглед на тоа што творат во манастирскиот комплекс.
Ова е една нова праска што ја воведуваме и секоја година ќе правиме изложби и претставување на еден од учесниците,со цел за време на одржување на колонијата истовремено да има интеракција и да можат граѓаните да се запознаат одблиску со авторите, рече Величковски.
Авторот, Хаџи Николов рече дека задоволство му е што на покана на музејот и „Градот на културата“ со задоволство изложува, за првпат, во Крива Паланка иако десетина години е редовен гостин – учесник на Меѓународната ликовна колонија „Св.Јоаким Осоговски“.
Драго ми е што можам да се претставам пред моите колеги со моето творештво, а при размислување за тоа што да изложам овде, сепак одлучив за творештвото од последните 15 години, со акцент на она што е создадено во последните пет години. Сѐ уште имам креација и желба за творење, ќе продолжам да ја претставувам мојата уметност насекаде низ светот и уште еднаш, благодарам до општината за поканата, со порака до сите љубители на уметноста да ја посетат изложбата, рече Стефан Хаџи Николов.
Хаџи Николов досега има реализирано повеќе од 75 самостојни изложби и над 100 групни изложби во земјава и странство. Добитник е на бројни награди и признанија меѓу кои, највисоките државни награди: „23 Октомври“ за долгогодишни остварувања во културата и уметноста и „13-ти Ноември“ за долгогодишни високи остварувања во сликарството.
Ги има добиено и наградите „Климент Охридски“, „Вангел Коџоман“, „Константин Мазев“, „Лазар Личеноски“, а особено се издвојува наградата „Златни феномени“, доделена од бугарската асоцијација „Феномени“ (АСФЕН), првиот Македонец кому му е доделена оваа награда, врачена на неговата изложба во софискиот центар „ЦУМ“ во 2002 година.
Изложбата на Стефан Хаџи-Николов е дел од програмата програма на манифестацијата „Крива Паланка – Град на културата 2024“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.