Галеријата „Метаноја“ во соработка со „Балканскиот институт за вера и култура“ ја организира изложбата „Почетоци“ на Гоце Илиевски во галерија „Метаноја“ во четврток 19 септември 2024 година од 19:30 часот на ул. Максим Горки бр. 19 во Скопје.
За изложбата д-р Коста Милков вели, „Со секоја боја и секој потег при цртањето Гоце Илиевски го толкува нашето космичко наследство: ѕвездената прашина чии состојки ги имаме во себеси, тајната на постоењето чии енигми постојано ги дешифрираме и конечната судбина, лична и колективна насреде огромната и нема вселена. … Со изложбата „Почетоци“, Илиевски се нурнал во космогониите, од оние најдревните до футуристичките. Едно е сигурно, овој уметник е уверен дека вселената не е случајна. Дури и во највпечатливите уметничко-симболични прикази на еволуцијата на постоењето, еволутивниот развој на неживата и на живата материја има извор надвор од себеси.“
На изложбата ќе се обрати рецензентот д-р Коста Милков и директорката на Галерија „Метаноја“ м-р Нада Милкова.
Гоце Илиевски е уметник од Скопје, кој твори во областа на традиционалните, современите и дигиталните форми на уметност. Завршил ФЛУ, отсек сликарство во 2010 година. Има реализирано 15 самостојни и земал учество во многубројни групни изложби во Македонија, Германија, Австрија, Исланд, Турција, Бугарија и Полска. Добитник е на повеќе награди за сликарство, акварел и фотографија од повеќе институции и држави. Во 2011 му беше доделена наградата ,,Златна четка‘‘ за сликарство од ДЛУМ, како и награди за GIF (дигитална слика во движење). Учествувал на повеќе резиденции, симпозиуми, работилнници за уметност и други активности, меѓу кои како поважни за неговиот развој како уметник се издвојуваат, уметничкиот престој во Нирнберг, Германија, резиденциите во Литванија, Латвија и престојот во Исланд. Од особено значење е филмот Loving Vincent, каде што работи како сликар и аниматор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.