Во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп вечерва во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Видување“ од Анита Јовеска-Сот.
Обликувајќи ги комплексните форми креирани со помош на динамични контурни линии и интензивни вибрантни бои академската уметничка Јовеска со впечатлива експресија визуелно ги изразува личните индивидуални внатрешни импресии врз лицата на портретираните ликови. Преку внимателно селектирани хроматски и ахроматски скали авторката визуелно манифестира таинствени колоритни амбиенти со сензитивна изразна величина. Врз јадрите и доминантни ликови се рефлектираат длабоки лични и супстанцијални чувствени пулсирања. Портретот за уметничката претставува можност за пронаоѓање начини за инвентивна и автентична манифестација на неговите физички и емотивни својства, со комбинирање и слободна креативна игра на разновидни ликовни елементи. Во колоритната експресивна изразност на портретите се одразуваат разнообразни сензации. Покрај емотивната величина која се пронижува во експресијата на ликот и поставеноста на рацете на портретираниот модел, Јовеска особено посветува внимание и на квалитетот на ликовните елементи. Во раскошните експресивни композиции, таа умешно ја обликува формата со примена на силни колоритни топло-студени и комплементарни контрасти за одразување на моќна чувствена изразност и драматичност, и со употреба на контраст на линиите за создавање на динамична вибрантна ликовна содржина. Јовеска во сопствените лирични, автентични и драматични креации, го создава единството во композицијата по пат на доминанта, поставувајќи акцент на емотивната експресија на портретот. Илустрираните зборови и изрази, досетливо проткаени низ многуслојните и прозрачни површини креираат богат симболичен поттекст. Во изразите на туѓите погледи таа ги видува сопствените индивидуални особини, односно се открива себеси. Длабоките емотивни впечатоци, вгнездени во имагинацијата и генијалноста на авторката се разоткриваат врз сликарското платно, придобивајќи своја визуелна самостојност и изразит идентитет преку насликаните ликови на портретираните модели. Восхитувачките портрети на Јовеска одразуваат исклучителен визуелен ансамбл извезен со лиричен сликарски сензибилитет и облагороден со личните индивидуални чувства на авторката, вели Викторија Димеска, историчар на уметност.
Анита Јовеска-Сот (1986, Прилеп) во 2008 година дипломирала на Националната ликовна академија во Софија, на отсекот Плакат и визуелни комуникации. Денес живее во Македонија, работејќи како професор по ликовна уметност. Како академски сликар, Анита Сот сопствените дела ги изработува во mixed media, односно мешани медиуми, вклучувајќи многу матријали . Трагајќи по свој сопствен ликовен јазик и идентитет, таа често истражува во доменот на различните сликарски техники. Има изложувано на повеќе самостојни и групни изложби во Македонија и во Бугарија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.