„Интервали“ е насловот на изложбата на Татјана Винона Јонеска, што ќе биде отворена в петок, на 5 јули годинава од 19.30 часот во ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.

Ова и е втора самостојна изложба на Јонеска во родниот Прилеп, а ги истражува лиминалните простори меѓу моментите.

Преку динамичен спој на дела од хартија, слики, иснталација и видео, оваа мултидисциплинарна изложба се стреми да понуди подлабоко размислување за интервалите како спојници на просторот и времето. Со поетски став Интервали отвора прашања за разоткривањето на скриените врски, ритми, транзиторни моменти и простори што ја обликуваат нашата перцепција – вели уметницата.

Татјана Винона Јонеска е уметник кој живее и работи во Лондон. Магистрирала на престижниот Кралски колеџ за уметност / Royal College of Art London, во одделот современа уметничка пракса – критичка практика. Пред тоа студирала на подеднакво престижниот колеџ за уметности во Chelsea College of Arts – Универзитетот за уметности во Лондон, каде што ја завршила својата диплома по ликовна уметност со почести од 1-вa класa.

Винона има мултидисциплинарна практика водена од екстензивно теоретско истражување и експериментирање, што формално се занимава со прашања околу перцепција, истражување за тоа како се среќаваме со просторот и како ја доживуваме темпоралноста. Учествувала на бројни групни изложби во Обединетото Кралство и на меѓународно ниво.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.