Во Галерија МКЦ вечер од 20 часот ќе биде отворена изложбата „Имагинариум“ – илустрации за деца на академскиот уметник Христина Мазнеска. На изложбата, која ќе може да се посети до 30 август, ќе бидат претставеи 50-ина креативни колоритни илустрации за деца изработени од 2018 до 2022 година.

Ингениозноста и сестраниот креативен потенцијал на Мазнеска најдобро се одразуваат преку нејзиниот разновиден сликарски и илустраторски творечки опус. Многубројните илустрации за деца се изработени во дигитален медиум (таблет за цртање и дигитален софтвер). Како резултат на успешната и плодна соработка меѓу авторите од разни земји (САД, Канада, Австралија, Велика Британија и Бугарија) и Мазнеска, произлегуваат многубројни раскошни и разиграни дигитални илустрации коишто на невините детски умови визуелно им ја пренесуваат убавината на светот и ги подучуваат на моралните доблести – идни водилки кои треба да ги применуваат во текот на животот, соопшти МКЦ.

Христина Мазнеска (Прилеп, 1995) е сестрана уметница која работи во доменот на визуелните и применетите уметности. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности на УКИМ во класата на проф. Жанета Вангели на отсекот сликарство со модул графички дизајн. Имала четири самостојни изложби во земјава и учествувала на повеќе од триесет групни изложби и креативни работилници.

Од 2018 година работи како илустратор на многубројни креативни проекти. Досега има илустрирано и дизајнирано десетина странски книги за деца, меѓу кои се: „Before It’s Too Late”, „Mother Earth why are you crying?”, „Superhero Identity: Your Quest To Discovering Your Superpowers and Forming an Unstoppable You”, „Molly’s Song” и „Осмото Кралство”. Како уметник работела и на четири видеоигри.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.