Новата изложба на склупторот Жарко Башески насловена како „Ecce Homo Macedonicus: Осмо Светско Чудо“ ќе се отвори на 12 август со почеток во 20 часот во Научниот уметнички центар „Куќата на Уранија“ при МАНУ во Охрид.

„Изложбата, која ќе трае до 27 август, претставува дел од годинешната програма на МАНУ, а вклучува десетина веќе познати дела на авторот, но и презентација на сосема нов концептуален проект, грандиозен објект во големи димензии, изработен од бронза и челик“, се вели во соопштението за настанот.

Како што пишува таму, идејата долги години е развивана заедно со професорот Јордан Плевнеш, писател од светски рамки и автор на најкраткиот роман во светската историја „Осмото светско чудо“, колевка на цивилизацијата.

„Проектот ‘Ecce Homo Macedonicus: Осмо Светско Чудо’, во основа ја претставува формата на веќе добро познатата скулптура ‘Ordinary Man’ на Башески, но овојпат во поинаков материјал. Изборот на материјали за изградба на овој проект, како и конкретната форма на ‘Ordinary man’, тесно се поврзува со концептот на авторот“, истакнува организацискиот тим.

Куратори на изложбата се Плевнеш и Венко Андоновски.

„Со Жарко Башески, еден од најпознатите македонски скулптори чии дела се наоѓаат во повеќе престижни галерии и светски музеи, речиси две децении водиме разговори за Осмото светско чудо, кое после Светилникот во Александрија би значело обединување на светската ‘цивилизација на љубовта’, кое би било подигнато на македонската планина Галичица од која се гледаат двете митски езера – Охридското и Преспанското, на планината која растат повеќе илјади ендемски видови на растенија и е единствениот резерват на светот на 1200 ноќни пеперуги“, вели професорот Плевнеш во текстот за делото.

Додека пак, писателот Андоновски посочува дека кога ја примил фотографијата од делото се шокирал затоа што скулптурата не е цела. Но, како што нагласува, ако не е цела, не значи и дека не е целосна.

„Некогаш половините се поцелосни и од целините (како наша разделена Македонија), и тука е уметноста магија на исцелувањето на она што е нецело или оштетно! Ако внимателно ја погледнете оваа скулптура, ќе ви се стори дека таа е сè уште во настанување, како да е некој вселенски незавршен проект во вечна мена и промена, како и наша духовна Македонија, прапостојбина на словата, писменоста и уметностите, незавршена духовна постојбина која во моментов има некое повторно привремено и неважно уставно име за службена употреба“, појаснува тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.