Во галеријата „Ко-Ра“ вечер од 20 часот ќе биде отворена изложбата „Огниште“ на Предраг Илиевски, на која ќе бидат изложени дела изработени во техниката масло на платно.

Според авторот на изложбата, мотивите се претежно од неколку скопски села (Говрлево, Маркова Сушица и Горно Соње), но акцентот не е на самите села како локација.

Туку повеќе на наоѓање ликовни вредности во минливоста на архитектурата, и самиот материјал кој, за разлика од современите, е многу поповрзан со природата, како каменот, дрвото, калта…, вели авторот.

Предраг Илиевски (1961, Скопје) е ликовен уметник кој се занимава со сликарство и илустрација. Со дигитална илустрација се занимава во последните десетина години, претежно илустрации за книги. Изработил неколку стотини илустрации, објавени во десетина книги.

Стилски секогаш близок до класичниот реализам, а тематски многу лесно може да се забележи неговата наклонетост кон традиционалните и етномотиви од овие краишта, со што се појавува еден романтичарски момент, и во сликите каде што е претставен активниот живот во селото, но и онаму каде што селската куќа полека се распаѓа, служејќи како споменик на едно време, потсетник за нешто што некогаш било живо, а истовремено и учител за минливоста на формите какви што ги знаеме, се наведува во најавата за изложбата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.