Кинотека ја чествува 140-годишнината од раѓањето на Милтон Манаки. По тој повод во фоајето на Кинотеката, за времетраењето на Фестивалот на нем и класичен филм кој е во тек и ќе трае до 7 септевмри ќе бидат изложени дигитализирани фотографии од фотографскиот опус на браќата Манаки. Автор на оваа изложба е Роберт Јанкулоски (1969), фотограф, режисер, кинематографер и проучувач на историјата на фотографијата на овие простори.

По повод јубилејот, покрај најавената изложба, на 7 септември (среда), на последниот ден од Фестивалот на нем и класичен филм, посетителите на проекциите на трите етнолошки документарни филмови на Вера Кличкова ќе добијат ДВД со дигитално реставрираните филмови на браќата Манаки.

Милтон Манаки и неговиот постар брат Јанаки се филмски пионери не само во Македонија, туку и пошироко на Балканот.

По смртта на Јанаки, во 1955 година, Милтон целокупната филмска и фотографска оставина ја депонирал во Државниот архив на тогашна ФНР Југославија. Во 1976 година, по основањето на Кинотеката на Македонија, филмските ленти се предадени на чување во овој наш национален филмски архив, и во текот на изминативе децении тие беа реставрирани и заштитени со изработка на архивски копии, а во 2011 година и дигитализирани, дигитално реставрирани и прогласени на национално културно наследство.

Фотографскиот опус, пак, денес се чува во Државниот архив, односно во Одделението на Државниот архив во Битола, а со заложба на Роберт Јанкулоски и „Македонскиот Центар за фотографија“ (МЦФ) – поголем дел од овие материјали се и дигитализирани, па и прикажан во рамките на неколку тематски изложби на Балканов и во Македонија.

Во тек е постапка за прогласување на комплетната архивска граѓа од фондот на браќата Манаки во Државниот архив на Македонија – за културно наследство од исклучително национално значење.

Кинотеката, исто така, продолжува да ја инспирира и образува филмската (општа и стручна) публика, особено младата и преку изработка и презентација на разни кратки пропагандни, едукативни и информативно-забавни видео-записи, со тематики кои ги опфаќаат не само првите филмски дејци – како што се Милтон и Јанаки Манаки, и останатите пионери на македонскиот филм – туку и другите неодминливи, реномирани и докажани филмски автори и филмови, и од домашната и од светската кинематографија.

Токму затоа, на профилите на Кинотека на социјалните мрежи деновиве ќе биде промовиран и видео-записот „ФилмОмаж Манаки“, подготвен од млади филмски автори и соработници на Кинотеката, во кој тие говорат за браќата Манаки како нивна инспирација.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.