Изложбата со наслов „Кралот алкохол“, на Соња Ставрова, ќе биде отворена на 19-ти ноември, во 19.30 часот, во Галерија МКЦ.

Се работи за серијал на фотографии посветени на кафеанскиот живот во Тиквешко.

Серијалот на фотографии „Кралот Алкохол“ од уметницата Соња Ставрова е фото-документарен проект кој вклучува визуелна изложба на фотографии посветени на традиционалниот кафеански живот во Тиквешкиот регион, со фокус на градот Кавадарци. Изложбата зема мотиви од романот „Кралот Алкохол“ или John Barleycorn (1913) од американскиот писател Џек Лондон. Во таа смисла, делата се потпираат врз мотивот на постојаното враќање кон алкохолот и средбата со пијалокот како засолниште од сомнежите поврзани со човековата доволност и достојност – вели за изложбата, Мања Величковска.

Соња Ставрова (1992) е родена во Кавадарци, живее во Скопје и е магистриран фотограф на катедрата по фотографија на интернационалниот универзитет Еуропа Прима во Скопје. Дипломирала на правниот факултет „Јустинијан Први” во Скопје. Таа е еден од основачите и член на “Bulb”- асоцијација на фотографи.Во своето уметничко творештво фотографијата ја користи како медиум преку кој истражува општествени теми и актуелни глобални и локални случувања. Како најчест израз ја користи концептуалната фотографија и симболизмот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.