Музичкиот репертоар на фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер продолжи со концерт посветен на истакнатиот македонски уметник, флејтистот Илија Зимбо.

Во негова чест тројцата етаблирани музичари, обоистката Татијана Петрушевска – Караскаковска, фаготистот Марјан Милошевски и пијанистот Петар Макариевски обединети во „Пијано Трио“ во црквата „Света Софија“ на публиката и доловија сонати од Блаве, Пуланк и Сен Санс, а во вториот дел од концертот го отсвирија „Патетичното трио“ од Глинка и „Триото за обоа, фагот и пијано“ од Пуланк. Тие на сцената покажаа истенчен моќен звук, висока интерактивност,прецизност и индивидуалност и виртуозност во изведбите.

Зимбо беше исклучително искрен и посветен пријател и колега. Веруваше на луѓето околу себе, веруваше на своите колеги, веруваше на своите пријатели. Имено таа симбиоза на пријателство и соработка на сцената доведе до тоа, во далечната 2014 година нашето Трио да се формира и да оддаде скромна почит кон неговото севкупно творештво. И еве, после скоро 10 години таа карика т.е. нашиот пријател Илија Зимбо како и почитта едни кон други остана наш двигател и инспирација да продолжиме и понатаму да создаваме, но истовремено да им покажеме на новите генерации кои се вистинските вредности во животот, вели пијанистот Макариевски.

Првиот концерт како трио во чест на нивниот пријател и колега Илија Зимбо, членовите на овој  музички состав го имаа во 2014 година на фестивалот  Есенски музички свечености.

Заедно со Марјан и Петар организиравме концерт и промоција на неговото ЦД по повод одбележување на годишнина од неговата смрт а со цел да се присетиме на неговото дело.На концертот настапија дел од колегите со кои Илија соработуваше во текот на својата кариера а имавме и краток документарец за неговиот почеток и развој како флејтист. На тој концерт се изведоа дела кои тој најмногу ги сакаше. Ние тројца дотогаш се разбира соработуваме, но за првпат таа вечер настапивме како трио. Понатаму продолживме да делуваме како ансамбл и непрекинато концертираме веќе десет години. Оваа година се договоривме со „Охридско лето“ и селекторката Бисера Чадловска за концерт во рамките на годинешното издание на фестивалот, кое гостување на некој начин одбележува наш јубилеј па решивме да го посветиме концертот на Илија , како заслужен охриѓанец и уметник. Понатаму верувам дека ќе правиме слични концерти и ќе одбележуваме годишнини, во име на одржување на сеќавањето на неговото дело и придонес за музичката култура во Македонија, појаснува првата обоистка во оркестарот на НОБ, Татијана Петрушевска – Караскаковска.

Илија Зимбо е роден во Охрид, 1969 година, а почина во Скопје во 2011 година. Тој е истакнат македонски солист, камерен музичар и прв флејтист во оркестарот на НОБ. Иако прерано згасна неговиот живот, останаа бројни настапи како солист, камерен музичар, настапи со оркестри во Европа и пошироко, тонски видеозаписи за МРТ но и награди на бројни престижни натпревари. Неговата способност за екпериментирање и поместување на границите на звучноста на флејтата беше инспирација за повеќе македонски композитори како Томислав Зографски, Љубомир Бранѓолица, Панде Шахов и Тома Манчев да компонираат специјално за Зимбо.

Флејтистот Илија Зимбо беше дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“ одржувајќи концерти во 1993, 1998 и во 2001 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.