На 20 април во КСП Центар-Јадро, Искра Шукарова (кореограф, изведувач и професор при ФМУ- катедра за балетска педагогија) ќе оддржи 3 ипол часовна работилница чиј фокус ќе биде интердисциплинарен пристап за движење, тело и глас.

Шукарова веќе подолг период како автор ја истражува релацијата тело-глас повикувајќи се на методите на танцовиот теоретичар Рудолф фон Лабан кој ги истражува просторот, динамиката и времето како битни компоненти на секое човечко движење. Во работилницата учесниците низ процесот ќе можат да дефинираат свои индивидуални движења, а потоа како екстензија на истите да најдат соодветен глас/звук кој ќе ги прати.

Целта на работилницата е секој учесник да се здобие со ново гледиште за сопственото тело. Работилницата е отворена за сите кои сакаат да се движат и не мора да имаат претходно танцова наобразба но да се спремни да се влучат во практичните вежби.

Проф. д-р Искра Шукарова е професионален балетски играч на Македонската Опера и Балет од 1991 година, каде има реализирано триесет солистички улоги како истакнат солист. Во 1993 специјализира на Conservatoire National de Supérier (Националниот конзерваториум) во Лион – Франција, отсек Современи танцови техники. Во 2002 се стекнува со магистерска титула по танцови студии на престижниот The City University – London – Laban Centre. Од 2002 до 2004 година ја извршува функцијата Уметнички директор на Балетот при МНТ. Таа е еден од основачите на програмата за современ танц во Локомотива – Центарот за Нови Иницијативи во Уметноста и Културата во Скопје. Содеец е во регионалната мрежа за современ танц Nomad Dance Academy. Шукарова има остварено богата кореографска кариера со над 30 дела поставени на  регионалната и интернационалната сцена во Австрија, Англија, Бугарија, Србија, Словенија,  Хрватска, Франција, Грција, Германија, Романија, САД, Италија, Ирска, Турција, Шпанија, Шведска итн. Добитник е на неколку меѓународни награди и член на жири на неколку еминентни танцови фестивали.

Од 2010 Искра Шукарова е професор на студиската програма на катедрата за балетска педагогија при ФМУ а од 2020 година таа е редовен професор на истата катедра. Во 2014 година Шукарова се здобива со докторски степен по театрологија при Факултетот за драмска уметност – УКИМ во Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.