Инспиративен концерт со внимателно избран репертоар претежно со транскрипции имаа вчеравечер унгарскиот флејтист Јанош Балинт и српскиот пијанист Владимир Милошевиќ.
Тие настапија на концертниот подиум во црквата „Света Софија“, изведувајќи ги „Унгарската пасторална фантазија“ од Доплер, „Сонатината оп.100“ од Дворжак, композицијата „Сиринкс за соло флејта“ од Дебиси, „Романски танци“ од Барток, „Медитација“ од Масне и „Кармен фантазија“ од Борне.
Внимателно одбраниот репертоар изведен со висок виртуозитет од страна на уметниците донесе уште една вечер на „Охридско лето“ што долго ќе ја памети публиката.
Ова ми е првпат да учествувам на фестивалот „Охридско лето“, но вторпат во Македонија. Акустиката е фантастична за сите инструменти, а особено за флејта. Амбиентот во црквата е прекрасен, но и воопшто во целиот град, рече унгарскиот флејтист Јанош Балинт кој и со концертот во Охрид потврди дека е врвен уметник од првите редови на уметничката елита.
И пијанистот Милошевиќ кој ги полни салите секаде каде што настапува, не го криеше задоволството што настапува на фестивалот.
На „Охридско лето“ сум вторпат, и големо е задоволството, особено што свирам со мојот долгогодишен пријател Јанош Балинт, еден од најдобрите флејтисти во Европа и во светот. На охридската публика ѝ се претставивме со прекрасна програма. Во Охрид сè е фантастично, целата атмосфера е во знакот на фестивалот и нè инспирира да уживаме, рече пијанистот Милошевиќ.
Широкиот репертоар за флејта на Балинт вклучува преку 1000 композиции кои датираат од барокот па сé до современите дела за флејта, а некои од нив се напишани специјално за него. Во оваа бројка покрај делата за соло флејта, свое место имаат и концертите за флејта и оркестар, камерни композиции за флејта и пијано, гитара, харфа или глас. За да го прошири репертоарот уште повеќе, Балинт самиот компонира транскрипции за дела кои оригинално не се напишани за овој инструмент. Во 2008 година Јанош Балинт го добива најголемото Унгарско признание од областа на музиката, наградата „Франц Лист“ за особени достигнувања, која ја доделува Министерството за култура и образование на Унгарија.
Владимир Милошевиќ важи за еден од најистакнатите српски пијанисти на неговата генерација. Дипломирал и магистрирал на Универзитетот во Белград во класата на проф. Невена Поповиќ, а продолжил да се усовршува во Италија. Тој е редовен професор по пијано на Универзитетот за уметности во Белград.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.