Во мојата кариера работев сè. Бев и асистент на снимателот. Тоа ми помогна да се изградам себеси и да изградам самодоверба.
Ова денеска го истакна Питер Бижу, извонредниот кинематографер, оскаровец и добитник на Златна камера 300 за животно дело на годинашното 44. издание на ИФФК „Браќа Манаки“. Тој одржа мастерклас во киното „Манаки“, кое беше преполно со домашни и странски посетители, кои сакаа да поразговараат со Бижу и да погледнат делови од легендарните „Мисисипи гори“, „Трумановото шоу“, „Во името на таткото“, „Штета“, „Пинк Флојд: Sидот“, „Животот на Брајан“, „Временски бандит“, „9 ½ недели“, „Ричард III“ и редица други антологиски филмски остварувања.
Во минатото снимав реклами. Запознав многу режисери во мојот живот. Имав среќа што не морав да прифатам да работам на филмови кои не ми се допаѓаа. Флексибилен бев во иборите кои ги правев. Инаку работев на повеќе позиции, бев асистент на снимателот. Сето тоа ми помогна да изградам самодоверба, рече Бижу.
Во разговор со Најџел Волтерс, поранешен претседател на Интернационалната федерација на кинематографери ИМАГО, Бижу кажа дека останал во контакт со компании, кои се бават со снимање реклами.
Тоа е лојалност. Јас во животот не работев со режисери кои имаат големо его и кои имаат голема самобитност. Во исто време, имам потреба да верувам во сценариото, зошто сметам дека морам да бидам во синергија со приказната, истакна оскаровецот.
Посетителите имаа можност да погледнат сцени од легендарниот филм „Мисисипи гори“, од 1988 година.
Сценариото за овој филм има многу тешка тема. Знам дека е ова тежок филм, таков и беше замислено да биде. Овие моменти секој пат ми се тешки за гледање. Откако заврши снимањето на „Мисисипи гори“, ми беа потребни неколку недели за да закрепнам емотивно, рече Бижу.
За овој филм тој доби Оскар.
Прекрасно беше кога добив оскар за овој филм бидејќи не го очекував воопшто. Всушност не ни знаев дека е филмот номиниран, тоа беше огромно изненадување за мене кога ми соопштија. Добив оскар во Америка, а сум од Обединетото Кралство. Ова направи да работам уште повеќе, рече оскаровецот.
Според него, многу е корисно, кога се снима голем филм, кинематограферот да има добар снимател.
Секогаш ги бираме луѓето со кои сакаме да работиме. За „Мисисипи гори“, работев со тројцата сниматели и претходно, па веќе се познававме. Многу е добро ако се познавате со режисерот и со снимателите, тогаш полесно соработувате. Едноставно е. Тоа е заедничко нешто, додава Бижу.
Многумина од гостите во публиката беа импресионирани што имаа чест и можност да зборуваат со големо име како Питер Бижу. Во однос на тоа, како тој работи во однос на осветлувањето додека снимал, тој кажа дека се трудел да работи што поедноставно.
Кога го читам сценариото и ми се допѓа, тогаш разговарам со режисерот. Едноставноста е најлесна и најдобра, рече тој.
Публиката исто така погледна сцени од филмовите „Ричард III“ и „Трумановото шоу“. Тој кажа дека целиот сет бил во Њујорк и дека на филмот екипата работела една година.
Специјалните ефекти и анимации ми помогнаа да го остварам тоа што го замислував, додаде Бижу, кој кажа дека е пензиониран пред многу години и дека поради тоа не знае многу за новите технологии, но оцени дека е добро тоа што технологијата овозможува истата да се користи во се покреативни цели.
Бижу има работено со бројни звучни режисерски имиња од светот на филмот како Алан Паркер, со кого се закитија со Оскар во 1988. за драмата „Мисисипи гори“ со актерскиот тандем Џин Хекман и Вилем Дефо, а со Џим Шеридан, Питер Вир и Луј Мал ги снимија антологиските филмови „Во името на таткото“ со Дениел Деј Луис, „Трумановото шоу“ со Џим Кери и „Штета“ со Џереми Ајронс и Жилиет Бинош.
Тандемската соработка меѓу Бижу и Паркер започна во 1976. година со филмот „Багзи Мелоун“, кога беше лансиран талентот на подоцнежната актерска sвезда Џоди Фостер, а заедно работеа и на антологиското дело од 1982. „Пинк Флојд: Sидот“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.