Во Кабинетот на претседателот на Македонија од денеска е отворена изложбата „Приказни за Летната школа по архитектура во манастирот Св. Јоаким Осоговски 1992-2017″, која беше избрана за национален претставник на 18. Интернационална изложба на архитектурата во Венеција оваа година.

Претседателот Стево Пендаровски истакна дека со отворањето на изложбата пред македонската јавност придонесуваме за дополнителна промоција и афирмација на македонските креативни автори и уметници, кои тоа бездруго го заслужуваат.

Со претставување на годинешниот македонски национален претставник во Венеција, верувам дека на најсоодветен начин ја испраќаме оваа година, гледајќи со поголем оптимизам и верба за следната 2024 година. Нека ова богатство, оваа убавина биде наш влог за едно време кое де надеваме ќе биде посреќно од денешното, рече Пендаровски.

Според претседателот, учеството на Венецијанското архитектонско биенале подразбира сериозен авторски и организациски ангажман.

фото: Кабинет на претседателот Стево Пендаровски

Ние не сме голема, моќна и богата земја, но, без каква било имаме традиција, култура, уметност и архитектура на највисоко ниво. Имаме креативци и автори кои имаат што да му кажат и покажат на светот. И сево ова треба да го негуваме и подржуваме. Морална обврска на секој од нас е во рамките на нашите можности, а, на секоја институција законска обврска е, согласно надлежностите, да работиме на афирмација на македонската архитектура и на македонските автори, додаде Пендаровски.

Директорката на Национална галерија и комесар на изложбата Дита Старова Ќерими во своето обраќање посочи дека изложбената поставка во Венеција се состоеше од една маса долга десет метри, две ниши на нејзините краеви и низа записи од искуствата и сеќавањата на учениците од различни сесии на Летната школа.

фото: Кабинет на претседателот Стево Пендаровски

Како што рече, преку приложените фотографии поставката имаше за цел да ја раскаже приказната за создавањето и работењето на Летната школа преку сеќавањата и доживувањата на учесниците во неа.

Летната школа по архитектура во манастирот Св. Јоаким Осоговски низ годините успеа да ги прошири границите на архитектурата во теоретска и практична смисла. Со фундаменталните прашања кои ги отвора како теми на различните сесии влијае врз геополитичките трендови, но исто така и обединува, поврзувајќи ги различните луѓе во заедничко дело. Летната школа по архитектура, освен архитектонски, педагошки и естетски карактер, наметнува и културолошки и етички став кон светот, рече Старова Ќерими.

Минас Бакалчев, еден од авторите на изложбата рече изложбата раскажува повеќе приказни кои се споделуваат, се надградуваат, се прошируваат и даваат можност архитектурата да се разбере како една дискурзивна практика.

Носител на проектот е здружението „Градот убав“, комесар на проектот е Национална галерија, а настанот е под покровителство на Министерството за култура.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.