Институтот за македонска литература денеска со свечен собир одбележа годишнини од раѓањето на писателите Гане Тодоровски (95 години) и Петре М. Андреевски (90 години).
Директорката на Институтот, Наташа Аврамовска, го нарече национален бард проф. Тодоровски, кој е еден од основачите на оваа институција. Нагласи дека особено ги задолжува „со неговата визија за потребата од научно проследување на сите области на развитокот на македонската литература“.
Со неговиот научен ангажман во проследувањето на претходниците на македонската книжевна и книжевно-научна мисла, со космополитизмот на неговата препејувачка дејност, а особено нѐ задолжува неговата лирика…, истакна Аврамовска.
За книжевната оставнина на Петре М. Андревски, пак, рече дека „нѐ задолжува подеднакво како заедница“.
Неговата поема „Дениција“ химнично не возвисува во исказот на љубовта и љубовноста. Неговата проза, од друга страна, во неговиот подвиг на повратокот, беспоштедно нѐ соочува со демоните на нашето историско траење и во соочувањето со нив ни ја нуди можноста за себеосозновање и излез од лавиринтот на повторливоста…, истакна Аврамовска.
Валентина Миронска-Христовска се осврна на творештвото на Тодоровски со кое, рече, ја задолжил и македонската литература, и македонската наука, и македонската култура воопшто. Тодоровски бил нејзин ментор и, како што рече, имал две татковини – литературата и Македонија.
Соња Елзесер во омажот за Тодоровски ја потенцираше неговата вештина во препевите од други јазици на македонски, да воведува нови зборови, т.е. да ги „помакедончува“ и да создава „македонски верзии на бисерите на светската поезија.
Лорета Георгиевска-Јаковлева своето излагање го започна со зборовите: „Има така некои луѓе кои знаеш дека знаат и им веруваш. Без нив и ние не би биле тоа што сме“.
Творештвото на Петре М. Андреевски се изучува во гимназиите и е еден од столбовите со кои се идентификуваме, рече меѓу другото Георгиевска – Јаковлева и посочи дека со „Пиреј“ се отвора можност да се стекне увид во позадинските случувања на историското минато и ни нудат можност за опстојба на колективниот идентитет во нови современи услови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.