Во просториите на ЕУ хаус денеска во рамките на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ се одржа работилница со аниматорите кои работеа на првиот долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ на македонскиот режисер Гоце Цветановски, со кој синоќа беше отворен Фестивалот.

Филип Трајковски, Берта Милевска, Сара Петковска и Горан Менков говореа за процесот на создавање на едно долгометражно анимирано дело. Рекоа дека секој од нив во одреден дел од процесот се вклучил во работата и дека биле мошне мал тим, во однос на работата која требало да се заврши.

Се корегираа во од некои работи, но се одеше по сценарио, поделено по кадри, по панели и се опишува текстуално, а потоа сликовито се презентира за аниматорите да продолжат со анимација, го објасни процесот на работа Трајковски.

И тие самите синоќа за прв пат го гледаа на големо платно целиот филм и среќни се и задоволни од сработеното. Велат дека последната година вложиле најголем напор да се доврши филмот. Се додавала и музика и дополнителни ефекти, но појаснија и дека гласовите прво се снимаат за потоа тие да можат да анимираат уста и движења со устата.

Овде е обратен процесот. За ние да анимираме, уста говорење, па и акција ни требаат гласови. Тие се снимени во 2020 година. Го добиваме звукот и одредени букви се ставаат во устата на ликовите и мислам прилично добро успеавме да го реализираме, рече Сара Петковска.

Раскажаа и за предизвиците, некои кадри се работеле заедно, не се спојувале, некои од нив токму тогаш го учеле програмот за работа, но почнала ковид пандемијата па морале од дома да работат и секој сам да се снаоѓа со програмата.

Тоа беше многу тежок период. Има еден кадар во филмот кога ликовите прават „смир смир“ не можам да го погледнам зошто сум го работел во тој период и безброј пати. Штом кадарот влегол во 98-ма верзија, значи е од тие кадри кои ни биле предизвик, раскажа Горан Менков.

Во однос на слободата во креациите раскажаа интересни детали од миговите кога работеле во канцеларија, која, како што рекоа, ја делат со други луѓе кои се од бизнис сферата, сосема друг свет.

Имаме едно големо стакло кое го користиме како огледало за да глумиме или си рецитираме на него и со тоа си помагаме во креацијата, а во ходник поминуваат луѓе во костуми кои работат трговија, увоз-извоз…, но имаше денови кога и самите тие сакаа да го прават тоа. Ние игравме танго, летавме на бродот, а тие доаѓаа не гледаа додека работиме и не поддржуваа…, раскажа Филип Трајковски.

Покрај тоа што филмот е прв македонски долгометражен анимиран филм тој е и најголемиот копродукциски проект во регионов, во кој учествуваат: Македонија, Унгарија, Бугарија и Хрватска.
Гласовите во филмот ги позајмуваат актерите: Жарко Димоски, Дамјан Цветановски, Емилија Мицевска.

Се работи за анимирана интергалактичка авантура која во исто време е алегорија за актуелните случувања во човештвото и нашата природа како и луди методи на решавање на проблемите, анимирана луда црна комедија која нема да можете да ја заборавите никогаш.

Гоце Цветановски е македонски наградуван режисер и продуцент. Студирал на филмски студии во Париз, Франција, каде што живеел 17 години. Покрај неговите филмски активности, тој има работено и на различни комерцијални проекти за клиенти како што се Faith No More, Ed Sheeran, Samsung и Alcatel. Тој е ко-основач на компанијата за издавање стрипови „Komic Brew“ со седиште во Шкотска, Велика Британија. Во 2015 година се враќа да живее и работи во Македонија како креативен директор на Lynx Animation Studios. Гоце стана првиот македонски автор кој се споменува во магазинот „Ролинг Стоун“ како режисер на спотот на Faith No More „Cone of Shame“. Работел на проекти за различни музички ѕвезди, вклучувајќи ја и анимираната верзија на хитот на Ед Ширан „Лоши навики“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.