Иднината им припаѓа на децата, а нам, должноста кон нив сега, овде и секојдневно да им овозможиме театар, вели Јулијана Мирчевска, претседателката на Македонскиот национален центар АСИТЕЖ. Таа е авторка на пораката по повод Светскиот ден на детските театри 20-ти Март.
Членот 13 од конвенцијата на ОН за заштита на правата на децата вели:
Детето има право на слобода на изразување која ја опфаќа и слободата да бара, да прима и да дава информации и идеи од сите видови, без оглед на границите, било усно или писмено, преку печатот, уметноста или друг медиум по избор на детето.
Театарот е слобода на изразувањето, креирањето. Театарот е љубов. Театарот е свет без граници, како детската креативност, детската фантазија и чиста љубов која како никогаш до сега ни е потребна.
Должни сме да им дадеме слобода на изразување и простор каде имагинацијата е реалност а каде емоцијата не е слабост. Да видат, да слушнат, да почуствуваат се околу себе и во себе.
Одведете го детето на театар, или театарот однесете го до секое дете
На ова би додала: Вклучете го секое дете во создавањето театар.
Гледањето претстави или впуштањето во процесот на создавање театарска претстава ќе им помогне на децата не само да го осознаат светот туку да се осознаат и себе си. Детството, најубавиот период од животот кога се формираат идните „големи луѓе“ е период во кој треба да ги насочиме децата, да им овозможиме возбудливи доживувања, одговори на многу животни прашања, но и да создадеме индивидуалци со вистински вредности. Секој театарски работник и секој уметник да се посвети повеќе на создавање дела за деца или работа со децата. Театар за секое дете од градските и руралните средини.
Децата се нашата иднина, а за да имаме убава иднина треба да се вложиме денес. Театарот е убавина која им ја должиме на децата, се вели во пораката.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.