Со концерт на хрватскиот пијанист и композитор Звјездан Ружиќ во Куршумли ан, вечерва во 20, 30 часот ќе биде отворено јубилејното 45. издание на фестивалот „Скопско лето“. Звјездан во Скопје ќе настапи со проектот „Пијанотрон“ кој е комбинација од пијано, мелотрон и педали на кои свири со нозете.
Јубилејното издание Дирекцијата за култура и уметност на Скопје оваа година се организира со мининална поддршка од институциите. Ако во минатото Министерството за култура и Град Скопје за одржување на оваа препознатлива манифестација одделувале по 2 милиони денари секоја од нив, оваа година Скопско лето смета само на поддршката од Министерството за култура, бидејќи Градот Скопје не дал пари.
И покрај тоа што сме соочени со намален буџет од само 800.000 денари од Министерството за култура и без поддршка од Град Скопје, Скопско лето сепак ќе се одржи со богата и квалитетна програма – истакна Никола Глигоров, директор на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје која по 45. пат ја организира манифестацијата.
Звјездан има соработувано со „2Cellos“, „Harlem Gospel Choir“, Јосипа Лисац, Масимо Савиќ, Нели Андреева, Лука Паљетка.
Накратко – Звјездан е човек – оркестар! Иако Звјездан е академски џез пијанист, тој го опишува „Пианотрон“ како филмска музика, украсена со влијанија од џезот, класичната, поп, рок и етно музиката. Со неговата музика, Звјездан има настапувано низ целиот свет, од Америка, низ Европа, одржа две големи турнеи во Кина, а со „2Cellos“ одржа голема турнеја во Јапонија, Австралија и Нов Зеланд, велат организаторите.
Авторските албуми на Ружиќ беа наградени со пет престижни награди за дискографија „Порин“, познато како хрватско Греми, а Хрватскиот музички сојуз шест пати му ја додели наградата „Статус“ за најдобар џез пијанист во Хрватска.
Звјездан е официјален уметник за „Yamaha Pianos“ за целиот свет, а во Скопје пристигнува директно од Лондон, каде што моментално живее и ја гради својата меѓународна кариера. На неговиот роденден, на Светскиот ден на музиката, Звјездан Ружиќ и неговиот пијанотрон ќе ја почестат публиката во Скопје со вечер за паметење, се вели во најавата за концертот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.