Зелински аматерски театар (ЗАмКа) од хрватскиот град Свети Иван Зелински, вчера во Тетово гостуваше со театарска претстава, комедијата „Сè за љубов. Доаѓањето на хрватските актери беше можност повторно да се наполни салата во Домот на АРМ (НУ „Музеј на тетовски крај“), откако и лани исто така во ноември по поканата на Македонско-хрватско друштво (МХД) гостуваа во Тетово со комедијата „Повеќе среќа друг пат“.
Комедијата „Сè за љубов“ посведочи за современите проблеми кои како универзални и заеднички ги забележуваме секојдневно, без разлика од која држава ни доаѓаат личностите од театарските дела. Театарската претстава „Сè за љубов“ преку актерската игра на 7-те актери долови моменти својствени за речиси секое општество: невработеност, брачна заедница, како и потрага по идеален брачен партнер – но во подоцнежните години од животот, кога и не секогаш е лесно, информираше Марко Видачек, секретар во МХД.
Во 60-те минутната изведба гледачите имаат прилика да ги видат улогите на мајката Влатка која, специфично за мајките, е загрижена за иднината на своите двајца синови – Иван и Зоран.
Тие немаат постојана работа, а што е полошо, Иван нема ниту жена ниту деца, па за него се грижи неговата мајка. Гледајќи дека „ѓаволот ја има однесено шегата“, Влатка се одлучува да ја земе судбината на синовите во свои раце, па ја повикува Марица која се занимава со спојување на парови, за да изберат девојка за Иван. Оваа претставата на комичен начин ја обработи појавата на стројништво, претставувајќи ги и згодите и незгодите со кои се соочуваат стројниците, посочи Видачек.
Режијата на комедијата е на Штефица Фањек, која е авторка на повеќе театарски комедии. Зелинскиот аматерски театар (Zelinsko amatersko kazalište – ZAmKa) ЗАмКа постои од 1993 година, а има успешни остварувања во Хрватска и надвор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.