КЦП Центар-Јадро вечерва со почеток во 20 часот ја отвора на групната изложба „Места на дарежливост -трансформативни станици“ (ЛИНК) на која ќе бидат претставени проектите:
„Создаваме град, градиме иднина“! на Културно ЕХО
„Човеколики неволи“ на Ивана Мирчевска
„Заедно дишеме“на Симона Манчева
„Добро.Подобро.ЧИСТО!“ на Лидија Пајевиќ и Крунислав Стојановски
„Лета, лета, Локубија“ на Елена Чемерска
ЗА ПРОЕКТОТ „Места на дарежливост -трансформативни станици“:
Земајќи го предвид фактот дека уметниците во нашата земја работат и делуваат во затворени кругови на реципиенти на нивната продукција и тоа дека тие низ своите проекти не делуваат доволно во насока на развивање на уметнички содржини што би имале поголем социјален импакт во општеството, преку проектот „Места на дарежливост -трансформативни станици“ сакавме да создадеме простор за поттикнување на креативните потенцијали кај уметниците и другите целни групи користејќи нови методологии, тактики и вештини кои се поврзани со социјално ангажираната уметност со цел да се овозможи успешно активно делување и проактивност на заедницата во насока на отварање и решавање на проблеми и прашања на микро ниво.
Уметноста има сѐ поголема улога при воведувањето на политичките и социјалните прашања во јавната сфера. Уметноста со своите средства и можности ја развива стратегијата за свесна етичка политика во уметничката продукција. Денес ова може да се дефинира со создавање на заедништво преку заедничко авторство и со еманципациски потенцијал на колективните методи, како основа за уметничкото творештво – нешто што ги надминува различните нивоа на класа, пол, образование, професии, социјална и политичка наобразба и животно искуство. Нешто што нѐ истиснува од зоната на удобност. Без оглед на гео-политичкиот аспект, знакот на уметничката ориентација кон општественото односно политичкото е некаков заеднички склоп на желби, за да се одврзе традиционалната врска помеѓу уметничкиот предмет, уметникот и публиката.
Во контекст на партиципативната уметност, уметникот се оддалечува од идејата на индивидуален продуцент и повеќе се придвижува кон идејата на некој кој создава услови за реализација на уметничко дело. Ова може да се дефинира како еден вид на социјален преврат, кој во својот есеј „Социјален пресврт: Соработка и нејзините задоволства“ крајно прецизно го дефинира историчарката на уметност Клер Бишоп. „Уметноста, која може да се разбере во контекст на идејата за општествен пресврт, обично се случува надвор од музеите односно галериите. Овие проекти обично се во соработка односно се партиципативни и се насочени кон конструктивни општествени промени. “
По распишаниот конкурс за реализација на проекти беа селектирани пет автори и уметнички групи кои во периодот мај- ноември 2022 ги реализираа своите партиципативни уметнички дела.
Проектот Места на дарежливост -трансформативни станици им овозможи на уметниците (поединци, уметнички колективи, формални и неформални групи и организации од областа на културата), активистите и активните граѓани од РМакедонија да се обединат и да приложат свои проекти кои се занимаваат со темите и проблемите во областа на:
● животната средина
● аниткорупцијата
● човековите права
● дискриминацијата
● социјалната правда
Преку овој повик сакавме да го стимулираме напуштањето на класичните формати на продукција и презентација на уметнички проекти што подразбира активна работа со креативци од повеќе уметнички дисциплини, партиципативност, активно учество на граѓаните и публиката.
Исто така сакаме да развиеме комуникација за проблемите со публиката и пошироката јавност преку уметничките проекти во насока на подигнувањето на свеста за проблемите; мобилизација на уметничката сцена која во соработка со активното граѓанството ќе создаде партнерства и ќе воспостави органски врски со групите засегнати од проблематиките што проектите ги таргетираат; охрабрување на разни целни групи во иднина сами да се борат за каузите во кои веруваат и делуваат, како и да се поттикнат и да започнат да размислуваат како самоиницијативно можат да го подобрат квалитетот на животот во нивните заедници.
Пошироката јавност преку овие проекти ќе се запознае повеќе не само со социјално ангажираната пракса туку и со потенцијалите на овој вид на уметничка пракса да направи промени во заедницата и да делува во подигање на свеста за темите и проблемите во областа на:
● животната средина
● аниткорупцијата
● човековите права
● дискриминацијата
● социјалната правда
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.