Патувањата на преводите; разговор со Екатерина Петрова, Румена Бужаровска и Владимир Мартиновски
Издавачката куќа „Готен“ во рамки на проектот „Превод во движење“ (Translation in Motion) го организира настанот „Патувањата на преводите; разговор со Екатерина Петрова, Румена Бужаровска и Владимир Мартиновски“. Модератор на настанот ќе биде Владимир Јанковски.
Настанот ќе се одржи во кафе-книжарницата Буква, во вторник (28 јуни), со почеток во 20 часот.
Повод за разговорот е преведувачката резиденција на Екатерина Петрова, која во јуни престојуваше во Скопје и работеше на преводот на бугарски јазик на збирката раскази „Мојот маж“ од Румена Бужаровска. Досега Екатерина Петрова работела и на преводот на книгата „Ехо од бранови; хаибуни“ на Владимир Мартиновски, па настанот е можност за дијалог меѓу преведувачката и авторите на чии преводи работела.
Во текот на разговорот ќе се разговара на теми поврзани со поетиката на книжевниот превод, начините на кои преводите ги надминуваат границите на националните книжевности, како и за преводот, книжевната и културната комуникацијата меѓу македонските и бугарските автори.
Екатерина Петрова е книжевна преведувачка и авторка на есеистички книги. Има завршено постдипломски студии за книжевен превод на Универзитетот во Ајова, САД. Активно се занимава со превод на дела од бугарски автори на англиски јазик и обратно, а предава превод и на Универзитетот во Софија. Во 2021 година ја објавува збирката есеи/патописи „Трагач по нешта: 44 (не)обични предмети од блиску и од далеку“.
Румена Бужаровска е македонска писателка и книжевна преведувачка. Работи како вонреден професор по американска книжевност на Катедрата за англиски јазик и книжевност. Објавила четири збирки раскази: „Чкртки“, „Осмица“, „Мојот маж“ и „Не одам никаде“.
Владимир Мартиновски е поет, есеист, прозаист, книжевен преведувач и антогичар. Работи како професот на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Објавил повеќе од 20 книги поезија, проза, книжевно-теориски и есеистички книги и антологии.
„Превод во движење“ е проект чија цел е збогатување и засилување на протокот на преведената литература во Европа и особено меѓу земјите од Западен Балкан и земјите-членки на Европската Унија. Во рамки на резиденцијалните престои, преведувачите работат на конкретни книжевни преводи и имаат можност дополнително да се запознаат и да ја истражат македонската литературна сцена.
Проектот „Превод во движење“ (Translation in motion) е финансиски поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.