„Гостиварски театар“ ова лето пред публиката ќе изведе две премиери на албански и македонски јазик. Кон крајот на јуни ќе биде изведена претставата „Каде е пиштолот“ во режија на Ѓорѓи Ризовски, а во првата половина од јули „Тајните на мостот“ која ја подготвува Фатмир Хусеини.

Плановите за работа во оваа театарска куќа на прес-конференција ги соопшти директорот Сулејман Рушити. Тој меѓу другото на средбата со новинарите го најави и гостувањето на ансамблот на театарски фестивал во Дебар со претставата „Вес, вес“.

За првата премиера за годинава режисерот Ѓорѓи Ризовски напомена дека е универзално дело, кое се занимава со големи и вечни теми и е многу актуелна.

-Имавме многу убав процес на работа во еден театар кој се развива сè повеќе и повеќе. Како режисер сум многу задоволен од ансамблот на „Гостиварски театар“ и мислам дека ќе успееме да направиме претстава за која на сите ќе ни биде ќеф и ќе бидеме горди, рече режисерот Ризовски.

Во претставата по текст на унгарскиот автор Габор Ѓоргеј играат: Ирена Илиевска, Марко Дојоски, Береда Решит, Вулнет Исмани Ариан, Ејупи, Кујтиме Ахмети и Исмаил Омер.

Сулејман Рушити, кој од неодамна е назначен за прв човек на театарот, најави реализација на програмата која е насочена кон придобивање на побројна театарска публика.

– Гостиварски театар е уникатен, затоа што во него се работи на три јазици и има претстави на три јазици, македонски, албански и турски. По тоа е уникатен не само во земјава, туку и во поширокиот регион. Во иднина ќе бараме помош, не само од Министерството за култура, туку за поддршка ќе се обратиме и локалната власт, до културни работници, невладини организации за да ја прошириме програмата. Фокусот ни е публиката, сакаме да ја придобиеме во што поголем број, рече Сулејман Рушити директор на „Гостиварски театар“, на прес-конференцијата.

Тој ги обелодени и плановите за вклучување на децата и помладата публика. За таа цел ќе се обидат да обезбедат екстра буџет наменети за претстави за млади и со млади актери.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.