Филозофскиот филмски фестивал информира дека вечерва со почеток во 20 часот, во Музејот на современата уметност (МСУ) Скопје ќе биде прикажан филмот „Годар: човекот-филм“, како најава на 13. издание на фестивалот кој ќе се одржува од 2 до 9 јуни во Кинотеката на Македонија.
„Годинешниот фокус на фестивалот е посветен на францускиот филмски великан Жан-Лик Годар. Проекцијата воедно ја акцентира максимата на овогодишното 13. фестивалско издание којашто гласи „Сè е филм, во множина“. Годинешната максима, „Сè e филм, во множина“, повторува една Годарова постапка – брзиот и неочекуван монтажен засек. Затоа и запирката, која не е чест гостин во слогани, тука ни се чини, e сосема посакуванa“, соопштува организаторот на Фестивалот.
Филозофскиот филмски фестивал кој ја негува и промовира мисловната, филозофско-eстетичка димензија на седмата уметност, годинава ќе се одржи од 2-9 јуни во Кинотеката на Македонија. Во рамките на ова фестивалско издание е предвидено да бидат прикажани околу 40 филмови, 50-тина настани, ќе има 18 домашни и странски гости и 24 учесници на Втората интернационална конференција „Филозофија и филм“ којашто ќе се одржи во онлајн формат (25-ти и 26-ти мај).
Богатата фестивалска програма е организирана во: Ревијална програма: филм-философија реализирана во партнерство со МЕДИА Деск Мк, двете компетитивни програми: Официјална селекција на долгометражни филмови и Официјална селекција на краткометражни филмови, Придружна програма (со Фокус Годар), Едукативна програма и Интернационална конференција „Филозофија и филм“, а Фестивалот работи и на два издавачки проекти.
Фестивалот е во организација на Филозофското друштво на Македонија, и ќе се одржи со поддршка на Агенцијата за филм и Министерството за култура на Македонија, во соработка со Кинотеката на Македонија, Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје, Амбасадата на Шпанија во Скопје, Амбасадата на Република Полска во Скопје, Музејот на современата уметност Скопје (ФФФ@МСУ), како и бројни други долгогодишни соработници и пријатели на Фестивалот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.