Денес, во рамките на Главната програма на 12. Филозофски филмски фестивал, со почеток во 18:30, публиката ќе може за прв пат во Македонија да ја проследи проекцијата на филмот „Клара Сола“ (Clara Sola, 2021) на Натали Алварез Месен како дел од Официјалната селекција на долгометражни филмови.
КЛАРА СОЛА премиерно беше прикажан во програмата „Кензен“ на Канскиот филмски фестивал во 2021 година, беше дел од селекциите и на BFI Лондонскиот филмски фестивал и Солунскиот филмски фестивал (Специјална награда од жирито) и е добитник на Наградата за најдобар игран филм и Најдобра актерка (Венди Чинчила Араја / Wendy Chinchilla Araya) на меѓународниот фестивал во Сао Паоло, Бразил.
Главната хероина Клара е вклештена во вкрстен оган помеѓу патерналистичкото однесување на семејството и инхибицијата на природните страсти и нагони. Обвиен во едно дискретно руво на магичниот реализам, овој дебитантски филм на костариканскo-шведската режисерка Натали Алварез Месен (алумна на Berlinale Talents, TIFF Filmmaker Lab и NYFF Artist Academy,) ни пренесува една интимна приказна за духовното будење и експлозијата на скриената и поттиснувана женска сексуалност на дистанцираната и помалку необична Клара.
Станува збор за провокативна филмска медитација за дискрепанцата меѓу конзервативноста на фолклорната традиција и религиозните стеги и ограничувања од една страна, и откривањето на интимната природа на жената ситуирана во едно секојдневие со крајно ограничувачки услови.
Вечерниот термин, од 21 часот, е резервиран за втората вечер од Официјалната селекција на краткометражни филмови. Публиката ќе има можност да погледне осум од вкупно шестнаесет селектирани филмови од тринаесет земји во светот. Публиката ќе има можност да гласа за секој од филмовите, а најдобриот краткометражен филм ќе го добие „Златниот Був“ за најдобар краткометражен филм според публика.
Главната програма на 12. Филозофски филмски фестивал трае до 9 јуни, а во рамките на останатите два дена публиката ќе може да проследи уште една проекција од Официјалната селекција на долгометражни филмови, репризното прикажување на данското филмско остварување „Претпоследниот“ на Јонас Керуп Хјорт кој беше гостин на фестивалот минатата недела (8 јуни, 18:30). Во рамките на Ревијалната програма: Филм-философија публиката ќе може да ги проследи филмовите „Хирошима, љубов моја“ (8 јуни, 21 часот) со воведно излагање на д-р Кица Колбе и Затворањето на Фестивалот со турскиот филм „Нешто корисно“ (9 јуни, 21 часот) на познатата турска режисерка Пелин Есмер, проследено со првите ФФФ дијалози со присуство во Скопје на режисерката и д-р Сердар Озтурк, универзитетски професор, претседател на здружението за филм и философија во Турција и главен и одговорен уредник на академското списание од областа на филм-философијата, The Journal of SineFilosofi.
На 8 јуни ќе се случат и два настани од Придружната програма: во 17 часот во Културно информативниот центар (КИЦ) ќе се одржи промоција на зборникот „Филозофија и филм“ кој произлезе како резултат на минатогодишната интернационална конференција „Филозофија и филм“, а на 8 јуни вечерта, во кафе-бар Мартини со почеток од 22:30 ќе се одржи и музички перформанс на Андрија Хаџиќ (Funkier) од Србија пред официјалното затворање на Фестивалот, неформална вечер на којашто се поканети сите гости и публиката на фестивалот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.