Единаесеттото издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифоини Македонија“, ќе биде отворено вечерва во 19 часот во киното „Милениум“ во Скопје, со проекција на филмот „Вратената“ (L’Arminuta) во режија на Џузепе Бонито. Проекцијата е од отворен карактер и не е наменета само за учесниците на фествалот. „Вратената“ е снимен според истоимениот роман на Донатела ди Пјерантонио. Улогите ги толкуваат: Аурора Барули, Карлота де Леонардис, Фабрицио Феракане, Андреа Фуорто и други. Филмот во 2022 година ја добил наградата за најдобро адаптирано сценарио на италијанските филмски награди „Давид ди Донатело“.

На отворањето ќе се обрати амбасадорот на Италија во Скопје, Андреа Силвестри.

Повеќе од 550 учесници од девет земји од денеска ќе бидат дел од 11. издание на „Џифони Македонија“. На добро познатите локации – Младинскиот културен центар, Кинотеката на Македонија и киното „Милениум“ до 10 октомври џифонци ќе гледаат филмови, ќе дискутираат, ќе учествуваат на креативни работилници. Утрово јуниорите, односно основците го започнаа својот прв ден во Кинотеката, а средношколците ќе ја започнат својата програма утре во Младинскиот културен центар.

Годинава, освен од нашата земја, на фестивалот се очекуваат 40 учесници од: Италија, Србија, Косово, Босна, Грција, Бугарија, Романија и од Франција.

Петнаесет долгометражни филмови во официјална конкуренција поместени во три категории, односно кадети (6 до 9 одделение), јуниори (I и II средно) и сениори (III и IV). Ќе проследат 35 краткометражни и анимирани филмови.

Програмата на фестивалот годинава е збогатена со нов сегмент наречен ЕПИК (EPYC – Enhancing Peace through Youth Creativity). Станува збор за проектот за промоција на мирот преку креативност кај младите (EPYC – Enhancing Peace through Youth Creativity), поддржан од италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка во рамките на програмата која има за цел да придонесе за стабилизацијата во регионот и за поддршка на процесите за пристап кон ЕУ.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.