Со летен креативен камп вчера во Богданци започна четвртото издание на Фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера“. Летниот креативен камп е најава за годинашниот патувачки карактер на „Литера“, како и за идејата за децентрализација на фестивалските настани, низ повеќе градови и населени места во Македонија.

Летниот камп се одржува во просториите на познатата Графичка работилница во Богданци и на него учествуваат деца од 7-14 години. Тие преку интерактивни предавања ќе се запознаат со основоположниците на македонската современа уметност, со различни ликовни техники, а работат и на креирање сликовница од идеја, преку текст, илустрација до печатење и конечна реализација. Кампот ќе заврши со групна изложба на сите сработени дела.

Темата на фестивалот, а и на летниот камп е „Дом без граници“. На неа твореа илустраторите што ни испратија свои дела на годинашниот повик. На оваа тема зборуваме и креираме и со децата кои на кампот ќе се сретнат и со неколку автори и илустратори, најавува Софија Семенпеева-Трајановска, основач на „Литера“ и еден од менторите на Летниот камп.

Сакавме нашата мисија за квалитетна литература и илустрација за деца да стигне до што повеќе деца и млади. Без помпезости, но вредно и трудољубиво се обидуваме во „Литера“ да вклучиме што повеќе учесници од различни профили. Така детскиот камп е отворен и за локалното население, како што ќе бидат отворени и сите наши следни активности. Учесниците на кампот ќе работат и со уметниците Доротеј Нешовски и Ана Димчевска Семенпеева, како и со авторката Магде Ангова. Целта ни е да ја поттикнеме детската креативност, но и македонската продукција за деца и во пишувачкиот и во делот на илустрацијата – вели Семенпеева Трајановска.

Патувачкиот караван на „Литера“ годинава ќе ги посети и Валандово, Гевгелија, како и неколку села во Преспанскиот регион.

Една од важните активности што „Литера“ ги има во својата програма за годинава е изложба на дела на современи македонски илустратори на Фестивалот за детска литература и илустрација „Овца во кутија“, во Пазин, Хрватска. Четворица актуелни автори ќе се претстават во срцето на Истра на групна изложба од 12 до 18 септември.

Главен покровител на годинашното издание на фестивалот е Халкбанк АД Скопје и нивното детското штедење Халки. Четвртото издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“ од Министерството за култура е поддржано со 120.000 денари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.