Фестивалот АКТО 19, ги продолжува своите активности денеска во Битола со целодневен музички настан, „Градот ме тера да пеам“, со што се промовира македонската музичка сцена, млади и талентирани автори и изведувачи, чии квалитет и творештво е јадрото на домашната современа урбана култура.
Во претпладневната програма, беше промовирана винил компилацијата, „Поп култура“, посветена на современата поп продукција од млади македонски музичари, издание кое е реализирано во соработка со платформата „Силата ЕУ младите“, и опфаќа песни од најрепрезентативните млади автори на македонската поп музичка сцена.
Промоцијата ја проследи министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во чиј програмски приоритети се младите. За неа, “Градот ме тера да пеам“ е извор за креативност и промотор на македонската уметност и култура.
Министерката за култура го поздрави настанот со кој урбаната култура му оддава почит на Мирко Попов, зашто како што вели организаторот, „Градот ме тера да пеам“ е песна на Попов и ПМГ Колектив, име на јубилејното 200-то издание на ПМГ Рекордингс-компилација и е една од бројните програми на Мирко за промоција на македонската музика, реализирани во соработка со пријателите од Битола и со фестивалот АКТО, како долгогодишен придвижувач на современата мисла, уметност и култура.
Вечерната програма од настанот кој е во рамки на проектот „Јавни простори во движење (кон) II“, започнува од 22 часот, а се состои од концертни настапи на младата генерација музичари и диџеи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.