В сабота, на 28 мај, со почеток во 11 часот, во просториите на „Јавна Соба“ (Public Room) во Скопје, ќе се одржи Нихон-Џи Фестивалот – првиот, наедно и најголемиот фестивал за јапонска култура од овој тип досега организиран на нашите простори.
Нихон-Џи, во организација на Јапан.нет.мк (japan@mk), ќе прикаже повеќе аспекти од јапонската култура, вклучително литература, хаику поезија, кинематографија, музика, архитектура, боречки вештини, гастрономија, мода и поп култура, односно аниме, манга, косплеј и видео игри, со цел да го пренесе совршениот микс на традиционалното и модерното од Јапонија во Македонија.
Во рамките на фестивалот ќе се претстават над 20 уметници и илустратори, 3 модни дизајнери, 7 хаику поети, 4 доџоа, професори, критичари, технолошки експерти, околу 48 гејмери, љубители на стратегиски игри, бонсаи градина и се очекува голем број косплеери.
Посетителите ќе можат да присуствуваат на работилници за специфични јапонски занаети (кумихимо, монкири и церемонија за чај) и на три посебни трибини (Културно општествена трибина: Јапонски животни и работни навики, култура, менталитет и општествени норми; Аниме: Разликата помеѓу западната и јапонската анимација и Литература: Популарни јапонски концепти во литературата и уметноста кои наоѓаат своја примена во зголемување на квалитетот на живот).
Фестивалот исто така ќе вклучи и турнири во игрите Текен, Покемон Го и Ју-Ги-О, како и продажен дел со суши, јапонско виски, јапонски чаеви, стратегиски друштвени игри, јапонски книги и манга стрипови, рачни изработки со јапонски мотиви, аниме фигури, итн.
Фестивалот ќе биде свечено отворен со присуство на амбасадорот Савада Хиронори, а ќе биде затворен со диџеј сет со јапонска музика и караоке настан.
Деталната програма и учесниците се наведени на официјалната страна и на Фејсбук настанот.
Нихон-Џи Фестивалот е подржан од Амбасадата на Јапонија во Македонија.
Japan@mk е 14-годишно неформално здружение на ентузијасти за јапонската култура од Македонија. Досега Japan@mk има организирано над 40 помали настани кои ја претставуваат јапонската култура, меѓу кои проекции на јапонски филмови и аниме; дискусии и дебати; Сакура фестивал на цветање на црешата; церемонии за чај; Cosplay собири; превод, и комплетна обработка на манга стрипови и сл.
Целта на Japan@mk е да поврзе активни и урбани луѓе кои живеат, студираат и работат во Македонија без оглед на возраста, националноста, расата, религијата, родот, полот и сексуалноста, луѓе кои се фасцинирани од јапонската култура; ја ценат уметноста, литературата и креативноста; следат трендови и поп-култура.
Денес, Japan@mk како заедница има огромен број членови кои на различни начини ја поддржуваат каузата. Во моментов, јадрото на организацијата вклучува шест активни членови, Билјана Кочоска, Ирма Башеска Ристовска, Стефан Ристовски, Марко Николов, Тања Блажевска и Кирил Стоилков, кои го подготвуваат и организираат најголемиот настан за јапонската култура во Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.