Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на режисерот Гоце Цветановски ја освои наградата за најдобра камера на 10. DEA OPEN AIR International Film Festival што се одржа во Тирана. Наградата ја доби директорот на фотографија, Фејми Даут.

„Бизнисот на Задоволството“ е селектиран на уште седум нови фестивали во Канада, САД, Африка, Боливија, Аргентина и Шпанија: Toronto Macedonian Film Festival (Канада 2023); Orlando Film Festival (САД 2023); Africa International Film Festival (Нигерија 2023); Cineworld Film Festival (САД 2023); Oruro Film Festival (Боливија 2023); Buenos Aires International Film Festival (Аргентина 2023) и Madrid Film Awards (Шпанија 2024).

Филмот на Цветановски веќе доби три награди за најдобар долгометражен филм на фестивали во Бугарија, Перу и Панама, како и специјална награда во Романија. Овој месец беше селектиран и заврши како финалист на еден од трите најдобри фестивали за филмска музика во светот International Sound & Film Music Festival – ISFMF.

Политичкиот трилер ја следи приказната на новинарка, која опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка, подготвува тајна операција со цел да разоткрие мрежа за трговија со жени. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола.

Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.

„Бизнисот на задоволството“ е снимен со поддршка на Агенцијата за филм.

Македонската премиера на „Бизнисот на задоолството“ беше на Фестивалот на европски филм „Синедејс“ во јули, во Скопје.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.