Четири филмови наменети за тинејџерската и детската публика од утре до 16 септември ќе се прикажуваа во киното „Манаки“ во Битола во рамките на офф-програмата на битолското културно лето „Бит Фест 2022“. Филмовите опфаќаат различни теми кои отвораат нови видици на децата во области кои би го задоволиле нивното љубопитство како тајните на вселената, екологија и слично за најмладите, како и проблемите на тинејџерите во модерното општество: oсаменоста, прифаќањето на различните од себе, булинг… Станува збор за четири филмски наслови од европска продукција. Сите проекции се од 19 часот, а влезот е слободен.
Првата проекција е закажана за утре во 19 часот со италијанско/австриско/швајцарската копродукција „Вселенското момче“ во режија на Оливие Перу за 11-годишниот Џим со пасија за вселената и науката. Филмот ја освои главната награда на интернационалниот детски и младински фестивал во Бусан. На 14 септември ќе биде прикажана германската детска авантура „Рока го менува светот“, во режија на Катја Бенрат. Рока има 11 години и живее прилично уникатен живот. Додека нејзиниот татко гледа над неа како астронаут од вселената, Рока живее сама со нејзината верверица и за прв пат во нејзиниот живот оди во нормално училиште. На 15 септември е закажана проекцијата на италијанскиот филм „Брат ми брка диносауруси“, во режија на Стефано Ципани – најдобар филм за млада публика на Европската филмска академија во 2020 година. Филмот е снимен според бестселерот на Џакомо Мацариол. Последната проекција на 16 септември е на шведската комедија „Брит Мари беше тука“, во режија на Тува Новотни.
Проекциите ги организира продукциската и дистрибутерска куќа „Катавеј“ од Скопје, која во последните шест години успешно прикажува филмови наменети за помладата публика, во соработка со ЈОУ КИЦ Битола. Проектот е поддржан од Општина Битола во рамките на офф програма на „Бит фест 2022“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.