Поради најавата за дожд, нестабилни временски услови и невреме, концертот „Етно Македонија 24“ на вечерашната програма на Скопско лето, наместо во Сули ан ќе се одржи во Кафуле МАККА (до зградата на Здружение на возачи, спроти книжарницата „Матица“ во Центар) со почеток во 20:30 часот.
Концертот на Музичката младина на Македонија во соработка со Меѓународна музичка младина (Jeunesses Musicales International) ќе претставува завршен концерт од кампот „Етно Македонија 24“.
„Етно“ е програма на Меѓународна музичка младина (JM International) за народна, светска и традиционална музика, наменета за млади музичари на возраст од 18 до 30 години. Програмата се спроведува во 45 земји ширум светот и има за цел да го оживее и да го одржи во живот глобалното културно наследство, ангажирајќи ги младите луѓе преку серија годишни меѓународни музички кампови, информираат од Дирекција за култура и уметност – Скопје.
На „Етно Македонија“ годинава учествуваат музичарите Бојан Анакијевски – перкусии – Македонија, Џина Перкиќ – виолина – БиХ,Илда Хамустафиќ – вокал – БиХ, Младен Ристиќ – кавал, саз – БиХ, Камил Сини – флејта – Франција, Јоше Холстајн – виолина – Холандија, Џои Дортен – гитара – Холандија, Маја Селис – виола – Естонија, Лорен Колиер – виолина – Шкотска, Франческа Маночо – виола – Италија, Јорун Лауресенс – хармоника – Белгија, Виктор Буендиа – мелодика – Шпанија, Карл Ериксон – хармоника, Шведска. Нивни уметнички ментори се Ангел Спироски, композитор и диригент од Македонија и Ламија Сариќ, кларинетистка од Босна и Херцеговина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.