22 март – 17 април 2024
(прва сезона)
КОНЦЕРТ НА ВОЕНИОТ ОРКЕСТАР НА АРМИЈАТА
Диригент: Мајор Горан Илијевски
Петок, 22 март 2024
Голема сала на Филхармонија, 20 часот
Со особена радост го најавуваме почетокот на 47-мото издание на фестивалот на современа музика „Денови на македонска музика“, во неговиот традиционален пролетен термин, со концертот на Воениот оркестар на Армијата, под диригентско водство на мајор Горан Илијевски.
На програмата на свеченото отворање се дела за воен оркестар од македонските автори Благој Цанев, Горан Илијевски, Живојин Глишиќ, Михајло Штерјев, Томе Манчев, Илија Илиевски, како и композиција за дувачки оркестар од Густав Холст.
Воениот оркестар во состав на баталјонот за Почести е единствен професионален дувачки оркестар од ваков карактер во државата, чија мисија е учество на протоколарни активности и воени свечености во организација на Армијата и на највисоките државни институции. Формиран е во 1944 година, во првите децении опстојува во рамките на поранешната ЈНА во состав на третата армиска област во Скопје, а по осамостојувањето на државата прераснува во голем дувачки оркестар и претставителен сегмент на Армијата. Оркестарот реализира повеќе концерти во склоп на активностите на Армијата и во соработка со локалните самоуправи во повеќе места во државата, но и редовно ја претставува на меѓународен план, соопштија од Сојузот на композитори на Македонија.
„Деновите на македонска музика“ се единствениот фестивал на нашите простори што овозможува македонското музичко творештво да живее и да се создава во континуитет, како сведоштво за минатите, сегашните и идните времиња. Фестивалот го претставува творештвото на повеќе генерации музички дејци, задржувајќи го основното мото – премиерна изведба и презентација на новосоздадените музички дела.
Во духот на традицијата, во презентацијата и славењето на македонската композиторска мисла и оваа година на СОКОМ му се придружуваат најзначајните музички институции во државата меѓу кои Националната опера и балет, Филхармонијата и Националната установа „Танец“. Програмата со свои концерти ќе ја збогатат и камерните ансамбли „Профундис“ и „Алтус“, како и истакнати солисти и музички уметници од Македонија и од странство, со што фестивалот ја зацврстува својата позиција на меѓународната мапа на фестивали на современа музика со долга и богата традиција.
Програмата на фестивалот ја конципираше уметничкиот одбор во чиј состав се композиторите Валентина Велковска – Трајановска и Филип Иванов. Автор на плакатот и уметничкото решение на фестивалот е уметникот Владимир Лукаш.
Влезот на свеченото отворање, како и на сите останати настани во рамките на програмата на „Деновите на македонска музика“, е слободен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.