Театарот ги прави луѓето подобри. Тоа е посебен медиум и е нужен за формирање на граѓанската свест, вели црногорскиот актер Душан Ковачевиќ. Тој е дел од претставата „Коњите убиваат, зар не?“ во изведба на Драмско позориште Подгорица која вечерва ќе биде изведена на сцената на Драмски театар, во рамки на фестивалот Рута Група Триглав кој се одржува од 14 до 19 октомври. Картите за оваа претстава се распродадени, посебно што беа во ограничен број, бидејќи публиката е дел од претставата, ќе биде на сцена, заедно со актерите.

Драмски театар од петокот е домаќин на Фестивалот Рута Група за кој има голем интерес, а билетите беа распродадени за сите шест претстави.

Станува збор за фестивал на Регионалната унија на театри, во која членуваат: Београдско драмско позориште, Камерни театар 55 од Сараево, театар Улисис од Загреб, Месно гледалишче Љубљана и Градско позориште Подгорица.

Фестивалот е основан во 2019 и е одржува на секои два месеца во еден од шесте театарски центри, а поради ковид пандемијата, првпат се одржува во Драмски театар.

Фестивалот „Рута“ е многу значаен за сите учесници. Сите ние имаме финансиски предизвици, да ја издржиме организацијата на Фестивалот. Театарот ги прави луѓето подобри. Театарот не е евтин. Тоа е посебен медиум и е нужен за формирање на граѓанската свест. Обединувањето на театарите од просторите на поранешна Југославија на културен, но пред сè на театарски план и таа културолошка размена која ја имаме секои два месеци, нам како уметници многу ни значи, на публиката посебно, но и на секој театар посебно, вели црногорскиот актер Ковачевиќ.

Автор на црногорската претстава е Маја Пелевиќ, режисер е Кокан Младеновиќ, сценографија на Андреја Рондовиќ. Костимограф е Лина Лековиќ, музиката е на Ирена Драговиќ, а сценските движења и кореографијата на Милош Исаиловиќ.

Улогите ги толкуваат: Душан Ковачевиќ, Марија Ѓуриќ, Омар Бајрамспахиќ, Вања Јовиќевиќ, Горан Славиќ, Јелена Симиќ, Дејан Ѓоновиќ, Бранка Фемиќ Шќеќиќ / Ивона Човиќ Јаќимовиќ, Вукан Пејовиќ, Катарина Крек, Жељко Радуновиќ.

Ковачевиќ потенцираше дека овој Фестивал носи само придобивки како за актерите, така и за публиката која е гладна за претстави од регионот.

Со секое ново гостување атерите стануваат побогати, похрабри, попаметни. Ако ова стане традиција, мислем дека сите ќе бидеме подобри луѓе. Тоа е идејата на регионалната унија на театарот, да го поврзе овој простор, без разлика колку политичарите се трудат да го разединат, а ние сме тука да го бараме доброто во луѓето, да произведуваме добро, да се трудиме да бидеме подобри и да го правиме светот подобро место, вели Ковачевиќ.

Отворањето на „Рута“ беше со претставата „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“, со Раде Шербеџија и Милан Мариќ. Београдско драмско позориште гостуваше со „Диво месо“ по текстот на Горан Стефановски, на режисерот Јагош Марковиќ. Македонскиот режисер Александар Поповски дојде со претставата „Хероини“ по Овидиј од Месно гледалишче Љубљана.

Комедијата „Мирна Босна“ во изведба на Камерни театар 55 од Сараево е на програмата на фестивалот на 18 октомври. Режисер на претставата е Саша Пешевски.

Затворањето на Фестивалот е со претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ на Драмски театар Скопје на 19 октомври, на режисерката Зоја Бузалковска.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.