Дуодрамата „Кислород“ на Народен театар Битола од Иван Вирипаев, а во режија на Иван Јерчиќ, вечерва во 20 часот во салата „25 Мај“ во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, го отвора 47. издание на фестивалот Млад отворен театар (МОТ). Улогите ги толкуваат Викторија Степановска Јанкуловска и Никола Стефанов.
‘Кислород’ е всушност поетско дело што акумулира гнев, надеж, емоции и мисли на цела генерација од источниот блок, млади луѓе, кои пораснаа заглавени транзиција и продолжија да живеат во дивиот капитализам, што беше резултат на истата таа транзиција. Претставата преку човечката потреба и желба слободно да дише, навлегува длабоко во потребата на човекот да живее… Да живее живот полн со љубов, среќа, емпатија, солидарност, наспроти одразот во огледало, кој сè почесто го гледа денешниот човек, се вели во најавата за претставта.
Костимите се на Марта Дојчиновска, музиката е на Александар Димовски, видеоматеријалите ги изработи Марјан Ѓеоргијевски. Претставата е копродукција помеѓу Народниот театар и Центарот за култура од Битола.
Еден од најстарите театарски фестивали во регионот ќе трае до 19 ноември, а претставите ќе се играат на сцените на МКЦ, „Јавна соба“ и КЦ Јадро. Фестивалот ќе донесе 23 продукции односно 25 програмски активности. Гостуваат театри од: Словенија, Грција, Турција, Велика Британија, Србија, Црна Гора и Македонија.
Годинешниот фестивал е во чест на еден од основачите на МОТ Љубиша Никодиновски Биш, кој почина оваа година. Во негов спомен востановуваме награда БИШ, која ќе се доделува на најдобра театарска претстава од домашна продукција меѓу две фестивалски изданија. За таа цел МКЦ како организатор, отвори повик на кој се пријавија 25 продукции, а на фестивалот ќе бидат прикажани осум селектирани претстави. Оценувањето на претставите го прави меѓународно жири. Инаку на 18-ти ноември имаме вечер токму посветена на Биш, вели Русе Арсов, во името на тимот на МКЦ.
Меѓународната фестивалска програма на МОТ започнува на 11 ноември со „Можат ли птиците да се забавуваат?“ по текст на Тијана Грумиќ, а во режија на Никола Исаковиќ, претставата на Битеф театар, која не потсетува дека светот не е и не треба да биде антропоцентричен.
Соработката на МКЦ со Атина и Епидариус фестивал од Грција, ја носи „Република Баклава“ на фестивалот, како и соработката со Апстракт театар од Велика Британија, кој пристигнува со „Red planet“, а од регионот доаѓаат „Ана Каренина“ од Црна Гора, „Блискост на допирот“ од Србија, „Under Construction“ и „Sad Sam Almost 6“ од Словенија.
Домашната продукција ќе ја претстават „Демони“ на Народниот театар Битола, потоа гостуваат НУЦК „Антон Панов“ – Струмица со „Циркуз Пирандело“, Турскиот театар со „Шопинг и факинг“, „Градот како сцена (Изгубени модернистички утопии)“ на ФРУ/АКТО, „ Скопјани“ на Театар за сите, „Глумици“ на Артопија, „Процес“ на Ивица Димитирјевиќ, „ Создаваме град, градиме иднина!“ на Симона Димковска.
МОТ годинава има и богат танцов театар, меѓу нив „УПМ“ на ИКС на квадрат, „Go figure it out“ на Скопје танцов театар, „Популус“ Филип Петковски, како и „Јас сум ти“ на Искра Шукарова и Тереза Лазарев. Фестивалот завршува со „Антитело“ дипломска претстава на ФДУ.
Зa дизајнот на овогодишното издане на фестивалот е користена фотографија од делото „Отаде црнилото“ на уметникот Велимир Жерновски.
Фестивалот е поддржан од Град Скопје и Министерството за култура на Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.